×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Гоце Делчев двапати престојувал во Куманово, помагал да се развие револуционерната организација

    04.02.2024 18:28 | KumanovoNews

    Од посебно значење за активноста на Кумановската револуционерна организација претставуваше престојувањето на Гоце Делчев во Куманово, во време кога работи како учител во Штип, по неговото исклучување од Военото училиште во Софија.

    Гоце Делчев двапати престојувал во Куманово, помагал да се развие револуционерната организација

    Во сеќавањата на кумановци – носители на „Илинденска споменица 1903“, е забележано дека Гоце Делчев во Куманово бил 1894 година. Меѓутоа, ако се земе предвид неговото исклучување од Военото училиште на 23 септември 1894 и вработувањето во Штип, поверојатно е неговото престојување да се случило наредната 1895 година. Како учител летниот распуст и другите погодности ги користи за одење во поедини градови и села и пружање помош на месните револуционерни организации и комитети.

    Преоблечен во албанска носија, Гоце Делчев со уште двајца трговци доаѓа во Куманово наводно да купат афион. Отпрвин три дена престојува во куќата на Ѓорѓи Караман, а потоа седум дена кај Аксентие Борозанов, со кого учел во Солунската гимназија. За време на десетдневното престојување организира состаноци и води разговори со раководителите на месната организација и со видни луѓе, при што ја разгледуваат положбата во кумановската околија и во Организацијата. Неговите ангажирања особено беа насочени во одредување насоки за натамошните активности, изнаоѓање на сигурни и проверени луѓе на кои ќе треба да се потпре месната организација на само во градот, туку и во селата. Карактеристични се разговорите на Гоце со бившите соученици од Куманово во Солунската гимназија за народното просветлување и дејствувањето меѓу широките народни слоеви.

    За доаѓањето на Гоце Делчев во Куманово наоѓаме податоци во напишаните сеќавања на Ѓорѓи Караман: „Делчев отпрвин доаѓа во Скопје и отседнува во хотелот „Балкан“. Во разговор со Кандиларов рекол дека ќе оди во Куманово. Од Скопје Кандиларов ми праќа писмо со кое ме известува за Гоцевата намера, а јас за тоа разговарав со Аксентие Борозанов, кој се согласи Делчев да престојува кај мене, а потоа да премине во неговата куќа. Така и стана. Диме Ќумбетчијата, курир на Комитетот, беше испратен да го пречека Гоцета на патот за с. Билјановце божем да го разледаат афионот. Се среќава со Гоцета и го доведува кај мене дома, каде останува три дена, а потоа го одведе во куќата на Борозанов“. 

    По престојувањето на Гоце Делчев, започна процесот на создавањето на месни револуционерни комитети и во селата на кумановската околија.

    Гоце Делчев во Куманово престојува и во 1899 година, за време на обиколката на поедини места во Скопскиот револуционерен округ. Тое е време непосредно по Виничката афера (1897 година), кога Македонската револуционерна организација доживеа еден од поголемите удари во предилинденскиот период. Тогаш од градот Куманово беа затворени 36 истакнати раководители и членови на месната организација. Виничката афера остави видливи траги во дејноста на Кумановската организација. Затоа, повторното доаѓање на Гоце Делчев во Куманово во 1899 година, е во врска со пружање драгоцена помош на Организацијата во надминување на последиците од аферата. 

    Тогаш таа година (1899), Гоце Делчев во Куманово престојувал два дена и две ноќи во Христовиот ан. 

    (Подготвил : Филип Ѓошевски, проф. по географија)

    Извор: М. Арсовски – Болто: Гоце Делчев дапати престојуваше во Куманово, Музејски гласник, (Год. 2, бр. 2/3/4, 1998, стр. 217-222)