×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Flex Credit

    Кумановската населба Карпош слави еден век постоење

    28.03.2022 08:27 | KumanovoNews

    Оваа година се навршуваат 100 години од основањето на населбата Карпош во Куманово, која меѓу народот е позната под името „Рајкова куќа“. Превиот жител на оваа населба е Рајко Благојевиќ, колонист кој се доселил во 1922 година од селото Горњи Бродац од околината на Бијелина, Босна.

    Кумановската населба Карпош слави еден век постоење

    Рајкова Куќа била создадена на утрина, која е дел од атарот од соседното Долно Којнаре, оддалечена околу 3 километри североисточно од Куманово. Покрај патот Куманово – Крива Паланка, по првиот жител и неговата куќа настанало името на денешната населба Рајкова куќа, а во минатото меѓу луѓето се слушало и името Рајковац. 

    Колонистот Рајко Благојевиќ имал 7 хектари обработлива земја. Починал во Куманово во 1950 година. Недалеку од неговиот дом во близина на чешмата, подоцна биле градени и други куќи. Тука се населиле со две куќи кумановските трговци Туше и Наско Крстиќ, четвртата куќа ја изградил Божин од с. Младо Нагоричане, петтата куќа во 1937 година ја изградил Краљо Аневски, доселен од козјачкото село Арбанашко. Со толку куќи населбата останала до почетокот на Втората светска војна. Во текот на војната, Бугарите ја запалиле населбата. 

    Денешната населба потекнува од 1945 година. Ја обновиле доселеници од козјачките и карадачките планинските села. Сепак, главно доселување било во 1963 и 1964 година. Населбата во 1965 година имала 75 домови со 400 жители. Населението највеќе купувало земја од оние кумановци, кои поради вработување во државната служба, сакале да се ослободат од нивите и лозјата. Учениците од населбата во минатото посетувале училишта во Куманово, а во 80-тите години е изградено училиштето Магдалена Антова, прво како четиригодишно, а потоа прераснало во осмогодишно училиште. Во 1950 година населбата обезбедила простор за посебни гробишта, бидејќи дотогаш биле погребувани на гробиштата во Куманово.

    Што се однесува до потеклото на населението, според антропологот Јован Трифуноски, кој во 1965 година ја истражувал населбата, Рајкова куќа ја населило македонско население доселено од две страни: едните од планината Козјак на Кумановска Црна гора (Карадаг) на З. Доселеници се: А р б а н а ш а н ц и (околу 25 к), доселени од селото Арбанашко на планината Козјак. Тука е сметано и домаќинството на Краљо Аневски, доселен 1937 година. – Д у м а н о в ч а н и (околу 25 к), доселени од сега исчезнатото село Думановце на Кумановска Црна гора. – Р а м а н ч а н и (3 к), доселени од селото Рамно на планината Козјак. – Д л а б о ч а н и (3 к), доселени од селото Длабочица. Ж е љ у в и н ц и (2 к), доселени од кумановското село Жељувино. О с т а н а т и (околу 13 к), доселени од различни села, претежно од козјачки и Горна Пчиња.

    Според пописот од 2002 година, во населбата вкупно живееле 5.433 жители, а денеска нивниот број е поголем и се смета дека се околу 10 илјади. 

    Жителите со средства од самопридонес изградија водовод и канализација во населбата, а сами ја започнаа и изградбата на црквата. 

    Иако е една од најстарите населби Карпош не е плански градена. Во населбата има само основното училиште, подржница на Македонска пошта, но нема парк, зелено пазарче, градинка, спортски игралишта и други содржини неопходни за урбано живеење на населението. 


    Пишува Филип Ѓошевски, дипломиран географ 

    2008 - 2022 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk