×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Први кумановски партизански одреди во 1941 година

    11.10.2022 21:22 | KumanovoNews

    По извршените подготовки од страна на Воениот штаб, на 11 октомври 1941 година беа исфрлени првите кумановски партизански одреди.

    Први кумановски партизански одреди во 1941 година

    Од зборното место „Менкова Колиба“, Карадачкиот партизански одред во состав на: Боро Менков командат, Перо Георгиевски – Чичо политички комесар, Бајрам Шабани, Магдалена Антова, Киро Бурназовски, Аритон Димковски – Тонко, Наце Ивановски – Буѓони, Благој Думановски – Пецкалија, Славко Георгиевски – Самарџија, Коста Јовчевски, Алириза Јусуфи, Бојан Секирарски, Евица Георгиевска – Кипра, Перо Менков и Бојан Милковски се упатува во правец на карадачкиот терен – Кумановско, со задача да го разгори вооруженото востание и создаде партизански бази во крајот каде населението беше претежно со албанска и турска припадност. На зборното место, коешто се наоѓаше во близина на градот, пред построените партизани за значењето од НОБ зборуваше командантот на Воениот штаб Дејан Алексиќ.
     
    Во раните утрински часови на 13 октомври борците на Одредот пристигнаа во реонот на селото Белановце, сместувајќи се во една стара селска воденица, за да се одморат и да го  продолжат патот по карадачките села. Дента штабот одржа советување со борците, на кое беше анализиран маршот, а потоа разработен пропаганден материјал индивидуално од секој припадник на Одредот.
    На 14 октомври 1941 година, рано в зори, Карадачкиот партизански одред, предаден од домашни предавници, беше опколен и нападнат од бугарската фашистичка војска и полиција. Во борбата против многубројниот и подобро вооружен окупатор ги дадоа своите животи: командантот и политичкиот комесат, Боро Менков и Перо Георгиевски – Чичо, и борците: Киро Бурназовски, Магдалена Антова, Бајрам Шабани, Аритон Димковски – Тонко и Наце Ивановски – Буѓони. Останатите, меѓу кои и тешко ранет Бојан Секирарски, беа заробени и спроведени во Куманово со старата градска касарна, во која беше сместен бугарскиот окупаторски гарнизон, а потоа во затворот во Околиското полициско управление.

    Козјачкиот партизански одред во состав на: Љубомир Здравковски – Гачо командант, Киро Нацев – Фетак политички комесар, Васе Гелев, Боро Божиновски – Прцан, Среќко Петрушевски – Пужаљка, Стојан Георгиевски – Тане, Димче Јовчевски – Еребица, Христијан Тодоровски – Карпош, Киро Менков, Солтир Путински, Стојан Георгиевски – Ага, Боро Јовчевски – Суџук, Филимена Михајлова, Михајло Мургашански, Герасим Димковски – Чвор, Тошо Ангеловски – Ѕидар, Киро Наков, Мирко Трајковски – Ѕука, Гиго Цветсковски, Стојан Додевски – Оџа, Урош Караџински, Александар Јакимовски – Кеке и Трајан Стојмановски – Грне, од зборното место „Студена Вода“ тргнаа во правец на Козјак, откако пред построените партизани за значењето на НОБ и формирањето на партизански одреди зборуваше членот на Воениот штаб Панче Пешев.
    Двежејќи се по козјачките села, со цел да се воспостави партизански бази и создаде услови за борба против окупаторот, Одредот организира поедини акции на теренот. Така, на 14 октомври беше организиран собир на населението во с. М’гленце, на кој раководителите и борците на Ордедот зборуваа за значењето на формирањето на партизанските одреди и борбата со фашистичките окупатори.

    На 15 октомври, борците од Козјачкиот партизански одред извршија акција на манастирот Прохор Пчински, а потоа во приквечерината на 16 октомври се сместија во една плевна во с. Малотино.

    Во раните утрински часови на 17 октомври 1941 година Одредот, предаден од селските кметови, беше окполен од многубројната бугарска фашистичка војска. Во тој судир со окупаторот загинаа борците Васе Гелев и Стојан Георгиевски – Тане, а при спроведувањето на заробените партизани на ѕверски начин беше убиен Димче Јовчевски – Еребица, додека сосема мал број го проби непријателскиот обрач и не падна во окупаторските раце (Киро Фетак, Боро Божиновски – Прцан и Среќко Петрушевски – Пужаљка). Во борбата беше ранет Боро Јовчевски. Од селото Малотино заробените партизани беа спроведени во селото Жегљане во училишната зграда, која беше полна со бугарска окупаторска војска, а потоа во Куманово.
    По иследувањето во Куманово и Скопје, на 8 и 15 ноември 1941 година заробените борци од Карадачкиот и Козјачкиот одред беа изведени пред бугарскиот окупаторски Воен прек суд во Куманово и осудени на тешки казни, од кои 10 смртни (подоцна смртна казна беше заменето со доживотна робија) и на разни временски казни до 15 години робија. Осудените партизани беа спроведени во централниот затвор во Скопје и по затвори во Бугарија.  

    Филип Ѓошевски, дипломиран географ


    (Извор: Спомен зборник на загинатите борци од НОВ и жртви на фашистичкиот терор од Куманово и кумановско 1941-1945, Куманово, 1976.)

    2008 - 2022 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk