×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Што со кумановскиот „барок“?

    27.03.2014 14:48 | KumanovoNews

    За последните триесетина години не успеaвме да заштититиме и сочуваме автентично ниту едно амбиентално здание иако комплексот од општинската зграда до Занаетчискиот дом чини една извонредна целина, која би ја посакал секој град

    Што со кумановскиот „барок“?

         Многу муабети и текстови се напишаа за “ Скопје 2014”, за менување на изгледот на централното градско јадро, посебно во заложбата да се врати нешто од стариот барок кој бил присутен на дел од позначајните зданија во главниот град пред земјотресот. Впрочем сведоци сме за се што се направи во Скопје за последните неколку години, спакувано во проектот „Скопје 2014“. За нашиот вовед и приликите во Куманово интересни се зафатите од овој проект кои задираат во заштита на старите барокни фасади ( Ристиќева палата на пр.) и обновување, односно вметнување на старите зданија, нови фасади во тој неокласичен стил. Впрочем и новите згради кои изникнаа на левата страна на Вардар се во тој правец, такви ќе бидат и фасадите на Владата, новата зграда на ЈП Водовод, а битка се води тоа да стане и со Градскиот трговски центар.

      Се разбира сето ова се прави со сретства на државата без да се задира во џебот на сопствениците на зданијата.

      Овој вовед нема намера да се занимава со ”Скопје 2014” и правците во архитектурата која очевидно го менува неговиот изглед. Нашата цел, е грижата за нашата амбиентална архитектура, нашиот, кумановски „Барок“, кој, како за град како што е Куманово ја имаме во сосема пристојни бројки, кои за жал од ден на ден се намалуваат. Јас, вака, без многу математика ќе избројам преку дваесетина убави зданија кои се градени во најголем дел меѓу двете светски војни, а ги има и пред тоа, од турскиот период, кои заслужуваат поголемо внимание од градските татковци, посебно од оние чиј ресор е урбано и естетско уредување на градот.

       Рака на срце, во Куманово, на овој план работата е целосно утната, апропо аргументите дека за последните триесетина години не успеaвме да заштититиме и сочуваме автентично ниту едно амбиентално здание, фасада и слично. Сето она што се обновуваше од сопствениците на објектите, се вршеше како тие замислиле, според нивното сфаќање на работите и финасиската моќ. Никој од општината, на овие луѓе не им понуди никаква помош, партиципација во реконструкција на фасадите, заштита на орнаметниката, бојадисувањето, како што тоа се прави во многу урбани центри на Балканот или во Европа...На крајот на краиштата и она што се наложува, согласно некои одлуки на Општината за заштита на старата архитектура, во повеќето случаи, воопшто не го контролира, така што заради поедноставување на наштата, при секоја реконструкција дел од орнаментиката на старите зданија се губеше.

         Во воведов ќе се задржиме само на дел од позначајните зданија во Куманово кои заслужуваа поголемо внимание од општинските служби за урбано и естетско обликување на градот. Тоа, во оваa прилика нека биде потегот од хотел „Куманово„ до зградата на старата општина, во кој се нанижани околу десетина пооделни стамбени и деловно административни единици, инаку градени во неокласицизам. Некои зданијата ги сместуваат во руски академизам, што и ние го прифаќаме од проста причина што сите се дело на рускиот инженер Владимир Антонов. Ако некој естетски го средуваше централното јадро на градот, да речеме, со историски димензии, по примерот на нашиот хрватски побратим, Вараждин, тој мораше од тука да започне. Уште повеќе што во најнепосредна близина на споменатиот Антонов, на ул„11 Октомври“ (за турски период ул.„Хамдие“ или „Крал Петар“ за време меѓу двете војни), се две зданиjа на ориенталната архитектура: старата Татар Синан беговата џамија и урнатата Саат кула која со многу мали средства може да се реконструира во непосредна близина на онаа, која е градена во 17 век. Уште повеќе што на спротивната страна од споменатите зданија е зградата на локалната самоуправа, седиште на градоначалникот на Куманово, која е градена специјално за оваа намена, по проект од Министерството за градежништво на Кралството Југославија 1930 година, независно што во неа, некаде во 1931/32 година била сместена среската управа на Жеглиговскиот срез.

       Посериозен ангажман во оваа сфера имавме некаде пред триесетина години во 1982 година, кој го презеде претседателот на Извршниот совет на Собранието на општина Куманово, Јанчо Јанчевски, со тогашниот претседател на општината Момчило Јовановски, кога на Занаетчискиот дом и на згрaдата на старата општина се извршија темелни интервенции на кров, обновена фасада и нејзино бојадисување. Оттогаш во делот на оваа сфера речиси ништо не е направено, иако од општината постојано навестуваа дека ќе бидат преземни  мерки. Се има впечаток дека никого не го интерсира прекрасната архитектура и орнаментика на фасадите на објектите спроти кумановскиот Основен суд, кои речиси целосно се пропаднати од разни причини. Добрите познавачи и пред се стручната јавност од оваа област, на кои им е важно и естетското обликување на Куманово, посебно неговото централно градско јадро, се вџашени од негрижата на службите чија дејност задира во во споменатата материја, згора на тоа што на времето имавме и градски архитект, кој ако не друго, требаше да направи една подолгорочна анализа со конкретен план за негова реализација. За жал...

       Сигурни сме дека со стручни интервенции на објектите во споменатиот потег градот ќе добие во свежина, а и нешто ново во картата на градот. Дел во кој ќе се грижи за  зданијата од т.н. културно-историско наследство, кои со својата патина му даваат сосема друг изглед. Тука се двете извонредни деловно-административни згради во кои е сместена дел од кумановската локална самопуправа, со кабинетот на Градоначалникот, Управата  на Катастарот и помал дел од општинаскта администрација, кои преку вештата рака на Антонов, ни го носат европскиот експресионизам во архитектурата, за да со Татар Синан беговата џамија и виртуелната Саат кула не враќаат онаму каде што сме, на Балканот. Од друга страна споменатиот потег обликуван во почетокот на трета деценија на минатиот век, со Занаетчискиот дом, чини една извонредна целина која би ја посакувал секој град. Впрочем сите ние кога ќе посетиме некој европски град главно се задржуваме на вакви објекти, не на оние кои сe дел на современата архитектура... Скопскиот земјотрес урна добар дел од зданијата во овој град, кои ги имаа овие белези, така што сега „вештачки“ се вмeтнуваат, додека ние, во Куманово, сето тоа го имаме, но за истото не покажуваме ама баш никаков интерес.

       Ова споменато парче на дел од старата градска архитектура, инаку скриено зад старите дрвореди кои треба да се исечат и ја откријат убавината на целиот амбиентален комплекс, го зедовме само како повод за оваа размисла, во насока на иницирање на нештата, зашто овој потег, кој ги опфаќа старите зданија градени пред осумдесетина години, сместени од десната страна на ул “11 Октомври”, од хотел „Куманово„ до Занаетчискиот дом се само мал дел од кумановската приказна...Тука чекаат интервенции фасадите на сите оние објекти проектирани од рускиoт инженер Владимир Антонов, и доградба на катот на општинската зграда спроти зградата на Црвениот крст за која постои проект, а во кој се просториите на претседателот на општината, конферeнциска сала, преку 14 пространи канцелариии други простории.Навистина е за чудење што никој до сега не се запраша зошто само оваа страна на Општината е приземна.

      Инаку мошне интересни за Куманово се архитектонските енклави на улицата Ленинова, Нагорички сокак, Илинденска, Велешки сокак и прекрасното здание на Соколана.

       Сета таа убавина од ден во ден се распаѓа, со ретки исклучоци ( “Соларските” дуќани на ул.„ Илинденска“ и дел од домовите на “Ленинова”, кои ја извршија самите сопственици), при што незабележителна беше било каква помош за заштита на старата амбиентална архитектура од страна на локалната самоуправа. И кога имашe и кога нема  буџетски средства, и самите сигурно свесни дека во прашање е само  нивната волја.

    Димитар Масевски, уредник во списанието „Корени„