Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Младата Ана Стојановска од ППК„Крива Паланка“ од Крива Паланка освојува со своите успеси како пингпонгарка и оваа сезона ја заврши како првопласирана на севкупната ранг листа на јуниорки на Македонија.
Таа е државна првенка во пинг-понг до 18, но и до 21 година, а истовремено е победник и на ТОП 8 и на Телеком Мастерс турнирот. Иако е многу помлада, се натпреварува и со зрелите играчи и оваа сезона успеа да го освои и второто место на Државното сениорско првенство во пинг-понг.
Сите овие титули , но и многу други, ги има освоено со своите 17 години и 7-годишното тренирање на овој спорт. Досега настапувала на домашни и меѓународни турнири, балкански и европски првенства, а пред 2 години беше и најмлад учесник на Светското првенство во пинг-понг што се одржа во Унгарија. Се натпреварува и со повозрасни категории од нејзината и секогаш е меѓу најдобрите.
Ана моментално се наоѓа на Балканското првенство за јуниори, како дел од македонската пингпонгарска репрезентација, кое се одржува од 23-27 јуни во Албена, Бугарија и каде нашите пингпонгари веќе ги забележуваат првите успеси. Кон крајот на месецот и претстои и Европското јуниорско првенство во Вараждин, Хрватска.
Со овој спорт почнала да се занимава на 10 години и веќе има освоено преку 120 медали, 30 пехари и преку 150 дипломи и сертификати од домашни и меѓународни натпревари. А пинг-понг почнала да игра затоа што немала избор.
„Голема желба ми беше да тренирам ракомет, но кај нас во Крива Паланка немаше клуб, па морав да избирам помеѓу карате и пинг-понг, како две спортски дисциплини што имаат успешни клубови и постигнуваа значајни успеси. Имам спортски дух и мој идол е Новак Ѓоковиќ, па така поради сличноста на овие спортови се одлучив за пинг-понг и не погрешив“, вели Ана.
Иако со овој спорт започнала да се занимала релативно доцна, на 10 години, сепак напредувала неверојатно брзо, а тренерите го препознале нејзиниот талент. На само 15 години го освојува третото место во двојки на Балканското првенство во Едрење, Турција 2018 и тоа во возрасната категорија до 21 година, а во 2017 година учествува и на квалификациите на Младинските олимписки игри во Сплит, Хрватска. Во годината пред пандемијата беше прво место на Балканската младинска лига, и во поединечна, и во екипна конкуренција, но за жал лигата беше прекината поради здравствената криза, бидејки се играше турнирски во повеќе држави на Балканот.
До овие успеси, покрај талентот, ја води и секојдневниот напорен трениг и труд што ги вложува за да ја совлада и усоврши пингпонгарската игра.
„Кога немаме настава, тренираме двапати на ден по 2 часа, а кога сме на училиште секојдневните тренинзи траат по 3 часа. За овој спорт, во кој е многу важна брзината, и од физички и од умствен аспект, се троши многу енергија, но секој нов успех ми дава елан да тренирам уште поупорно“, вели Ана.
Огромна поддршка на Ана се нејзините родители, кои ја следат на секој натпревар и се дел од ППК„Крива Паланка“, а по нејзините стапки оди и помалата сестра Сара.
„Сара почна да тренира на 9 години и само после една година го освои 3-то место во категоријата пионерки и прво место во двојки, играјќи заедно со сестра и Ана. Оваа сезона, пак, ја заврши како третопласирана на Државното првенство до 15 год. Ова беше доволно и таа да се „зарази“ со пинг-понгот и денес целото наше семејство е потполно посветено на овој спорт. Секогаш сме со нив за да дадеме поттик на нашите деца, но и на целиот клуб од Крива Паланка, кој е најуспешен во државата“, вели мајката на Ана и Сара, Сашка Стојановска.
Покрај успешната кариера, Ана воедно е и одличен ученик и неколку пати досега била првенец на генерација, а претстојната учебна година ќе биде матурант во СОУ„Ѓорче Петров“ од Крива Паланка. Куриозитет е што таа денеска полни 18 години, а полнолетството го прославува на најдобриот можен начин за неа, со рекетот и играта на маса на Балканското првенство во Бугарија.
„Полнолетството ќе го прославам борбено, на терен, се надевам со победи, а потоа ќе прославам и со моите соиграчи од македонската репрезентација и другите пингпонгари учесници. Овој ден е значаен за мене, затоа што и официјално преминувам во повозрасна категорија на натпреварување и се надевам дека ќе придонесам за популаризација на пинг-понгот во домашни и меѓународни рамки. Ги охрабрувам младите да се занимаваат со овој спорт и да го јакнат својот спортски дух, кој не прави сите поуспешни личности“, вели Ана.
На Балканското првенство во Албена, покрај Ана, како дел од македонската репрезентација, учествуваат и пингпонгарите од ППК„Крива Паланка“- Александар Јакимовски, член на кадетската репрезентација и учесник на Балканијадата, инаку победник на Телеком Мастерс Турнирот и освоени втори места на Државното првенство до 15 години и на ТОП 8, како и Сара С.Стојановска, третопласирана на Државното првенство до 18 години.
Инаку, ППК„Крива Паланка“, кој минатата година беше најдобар и најуспешен клуб во Македонија, оваа натпреварувачка сезона, која е е при крај постигнува уште поголеми успеси. Кривопаланечките пингпонгари се носители на првите места во Младинската јуниорска лига, и во машка и во женска категорија, во Женската супер лига-сениорки, во Машката сениорска втора лига и имаат освоено пласман во Првата лига на Македонија, преку квалификации и бараж натпревари. Овој клуб и понатаму останува расадник на млади таленти пингонгари, кои го промовираат пинг-понгот во домашни и меѓународни рамки.