Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Екипата на Куманово е во подготовки за последната рунда од домашното првенство. Тимот се пласираше во финале каде за противник го има МЗТ Скопје.
Претседателот на кошаркарскиот клуб Бане Јовановски во разговор со Кумановоњуз изјави дека клубот ги остварил своите цели за оваа сезона, и може растеретено да влезе во финалната пресметка со актуелниот шампион на Македонија.
Свесни сме дека пораснаа апетитие на публиката со влезот во финале, меѓутоа МЗТ е екипа која играше АБА лига оваа сезона, која има 5 пати поголем буџет од нас, која има инзворедни играчи на сите позиции и е предводена од тренер кој веќе знае како се освојува титула со МЗТ Скопје. Тие важат за огромен фаворит и се далеку подобра и помлада екипа од Работнички во овој момент. Ние влегуваме растеретено во оваа серија, и наша единствена цел е да изиграме што повеќе натпревари и да ја продолжиме серијата да трае што е можно подолго. МЗТ Скопје не успеја да го освои Купот во својата сала, и сигурно е дека ќе дадат се од себе да го освојат домашното првенство.
Патот до финалето беше тежок, трновит и доста турбулентен. Мораме да признаеме дека на почетокот на сезоната американските кошаркари не ги погодивме и дека Вујошевиќ и Егоров не пружија она што ние го сакавме. Реагираме на време и нивните замени се покажаа како вистински потези. Доведувањето на Аврамовиќ, Луковиќ, Ѓекиќ а подоцна и Филиповиќ и Караџовски направија од Куманово силен тим од 10 силни играчи кои го заслужија оваа финале. На половина од сезоната бевме приморани да направиме и промена на тренерската позиција бидејки имаше серија на лоши резултати. Шансата му беше пружена на Страшо Тодоровиќ, кој до сега според мене беше неправедно тргнат по страна кога се бирала тренерската позиција. Тодоровиќ ја искористи својата шанса максимално, според нашата неофицијална статистика има скор од 22 победи и 7 порази во сите натпреварувања што го вметнува меѓу најуспешните тренери во Куманово. Потоа на ред дојде „случајот Карпош Соколи“, кој одзема доста време, меѓутоа се чини дека ние најдобро ја искористивме паузата од две недели, а сите случувања во тој период додатно ги мотивираа кошаркарите.
Нашата цел за оваа сезона беше да влеземе меѓу првите четири екипи во сите натпреварувања во кои настапуваме, домашното првенство, БИБЛ лигата и Купот. Единствено не успеавме тоа да го сториме во регионалното натпреварување каде што во несреќен натпревар против Рилски Спортист загубивме иако можевме да избориме висок пласман и во тоа натпреварување. Можеме да кажеме дека сме задоволни и дека ги исполнивме нашите зацртани цели и дека имаме успешна сезона зад себе.
Освен против МЗТ Скопје во рамките од Првата лига, никој не успеја оваа сезона да го порази Куманово во домашното првенство на домашен терен и тука е клучот за овој успех. Минатите сезони Куманово главно губеше дома од првите четири екипи затоа неможеше да се вмеша во борбата за Плеј-оф. Против Работнички игравме тесни натпревари на гостувањата, слично загубивме и во Купот иако знаевме дека можеме да го победиме, а победата стигна во најдобар можен момент. За оваа финале е заслужен и поранешниот тренер Игор Михајловски кој спроведе одлични предсезонски подготовки, екипата ја остави во одлична физичка подготвеност која трае и до оваа финале. Со Тодоровиќ екипата има спој на искусен тренер кој има одлично чувство за игра, кој е по мек а има одличен однос со своите играчи ги склопи коцките за едно финале. По мое мислење, најдобриот бековски пар во првенството, а се надевам дека и ќе биде репрезентативен пар во иднина. Не смееме да ја заборавиме и публиката која имаше свој удел во секој натпревар, и во оваа прилика и се заблагодарувам за подршката која ни ја дадода низ целата оваа сезона.
Куманово во младинските школи има одредени играчи кои би можеле да бидат интересни во иднина и би требало да очекуваме нивен настап во клубот. Сигурно е дека на почетокот на следната сезона ќе добијат шанса единствено ќе треба да се наметнат на тренерот. Мора да разберете дека е многу тешко на тие млади играчи да добијат минутажа кога тимот ќе се бори за првото место во првенството. Младинците добиваат шанса кога тимот се бори за опстанок или е сигурен на средината на табелата. Ние секако дека ќе се обидеме да младите кумановци во иднина да бидат носели на тимот на Куманово.
Јас навистина би сакал да го гледам истиот овој тим и следната сезона. За оваа тема сеуште е рано да се зборува, најпрвин ќе чекаме да заврши домашното првенство, па потоа ќе седне да разговара раководството на клубот со стручниот штаб околу амбициите и можностите на клубот.
За Љубисав Луковиќ можам да кажам дека е пријател на клубот кој секогаш кога ќе е во можност пружа подршка како на клубот, така и на неговиот син Урош што е сосема нормално. Тој има навистина фер однос, воопшто не се ни има мешано во тренерската работа на Тодоровиќ, ниту на Михајловски предходно.