Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На интернет просторот почнаа да излегуваат најразлични, интересни работи кои може да ги правите додека сте дома со вашите деца, заради новонастанатата состојба со вирусот Ковид-19.
И за да споделите нешто интересно и вие не мора да истражувате низ интернет, едноставно нурнете во сопствената длабочина, затоа што таму имате сѐ.
Мојата препорака е многу едноставна, ова време искористете го правејќи го она што некогаш го имате правено. Не попусто индиската филозофија на живот учи дека, сѐ што му треба на човека го има во самите себе, а писателката Винка Саздова ќе рече: „Јас кога зминав во Индија да ја барам вистината и себеси, сфатив дека тоа е она што ние сме го научиле од нашите баби и дека сѐ што ми е потребно имам во внатре во себе“.
Затоа погледнете внатре во себе!
Еве што јас најдов:
- Шиење на облека за кукли
Неодамна прочитав дека данските професори ја намалуваат употребата на паметните табли и ги испраќаат децата да учат надвор во природата, за да имаат реален контакт со она што навистина го живеат. Сите уметности и сѐ во животот во основа е занает. Затоа ова време може да го искористите со вашите деца и да ги научите дека доколку навистина сакаат да имаат нешто свое, дека можат и самите да си го направат од некои стари материјали кои ги имате дома. Обидете се со шиење на облека за кукли, затоа што детето не само што ќе добие впечаток дека вие навистина се грижите за него, туку ќе научи дека и тоа може да биде креатор на сѐ она што го купува во продавниците. Искористете го времето за детето да го научите да креира, а не само да консумира.
- Играта „Монопол“ можете да ја претворите во игра од која може многу да се научи
Децата, денес, навистина се зависни од паметните уреди и од онлајн игрите, меѓутоа речиси и да не постои дете на кое ако му понудите да игра „Монопол“ дека ќе ве одбие. Па, искористете ја таа можност во време кога децата не одат на училишта, да ги тргнете од екраните но да не им ја одземете играта и притоа да учат. На пример, за детето да добие одредена сума на пари со која ќе купи некој град ќе мора да одговори на некое прашање, зависно за колку големи деца стаува збор. Тоа може да биде прашање од некоја лектира која ја читал, учење на таблица, учење на природните закони и на крајот на краиштата може да ставите и некое прашање од нивните игри, со кое ќе им го направите овој процес и поинтересен, но во кој и вие ќе научите многу за нив. Пример, некое поле може да оди со прашањето: Која игра ти е омилена? Зошто е тоа така? Што сакаш да бидеш кога е пораснеш? Ќе се изненадите како децата од круг во круг знаат да ги менуваат тие одговори на личните прашања. Ова е и силен психолошки трик!
- Не заборавајте ја играта „Каладон“
Во оваа игра сите треба да кажат по еден збор кој не завршува на „ка“ и другиот да го продолжи тој збор со последните две букви. Пример: едниот може да рече табла, другоиот додава ланец итн. Ова е забавна, но и поучна игра во која децата можат да си го збогатат својот речник.
- Не го изоставајте цртањето и боењето со децата
Оној кој го гледал серијалот „Genius“ знае дека ниту Пикасо, а пак ниту Ајнштајн немале некои посебни играчки. Нивното поминато време било импровизација како да се помине времето. Затоа не жалете ги децата дека им е здодевно, туку помонете им да видат колку многу можат тие да дознаат за себеси за време додека се дома. Пикасо вели дека најдобриот уметник е оној кој ќе остане дете. Затоа дадетему бои и лист хартија на вашето дете и оставете го да биде уметник, затоа што секое дете е уметник. Овој пат, нека не биде под притисок дека треба да нацрта нешто одредено, охрабрете го дека тој е магионичарот кој со своите раце и четка може да направи чудо. И немој да речете дека три годино дете е мало за да црта и бои!
- Со помалите деца пејте песнички или пак градете замоци
Децата сакаат да учествуваат во нешто кое во неговата суштина има создавање и градење на врски. Тие сакаат да имаат животинско царство на кое ќе му направите штала, каде мајката би ја ставиле до детето и секако и таткото до нив, затоа што децата секогаш прашуваат зошто се изделува таткото од нив. Сѐ на сѐ направете една соба, село или град заедно со вашето дете.
- Бидете физички активни
Иако просторот ќе ви биде ограничен, сепак децата порано најмногу ја сакаа физичката активност, затоа искористете го ова време за да им ја вратите љубовта кон вежбањето. На крајот ќе се изморат и нема ниту да имаат време да размислуваат дали им е здодевно.
- Читањето книги за нив направете го како бајка
Сувопарното читање никој никогаш не го сакал. Затоа доколу на вашето дете му читате некоја приказна пред спиење, тогаш подзатемнете малку, вклучете ламба и читајте му со поразична интонација. Обидете се да го внесете детето во светот на приказната, а тоа самото потоа да си заспие. Или пак ако станува збор за повозрасно дете дајте му тоа да чита, но во ниту еден случај не дозволувајте му да чита без да размислува. Покажете му ја магијата во мистеријата во книгите. Ако заедно со него ја читате „Пајажината на Клементина“, задолжително прашајте го: Што би направил тој кога би бил на место на Клементина? Прашајте го колку тој ги сака животните? итн. Односно, учете го вашето дете да биде истражувач од мали нозе, развивајте ја неговата љубопитност.