Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кошаркарите на МКК Куманово го претрпеа третиот пораз, од 4 натпревари во Првата лига, фудбалерите на второлигашот „Башкими 1947“ со два гола триумфираа над Саса, а третолигашите ГФК Куманово одиграа нерешено. Ракометарите паузираа викендов.
Кошаркарите на МКК Куманово доживеаја пораз на гостувањето во Скопје, против екипата на МЗТ со резултат 78:71. Домаќините на почетокот на натпреварот беа во водство, на момент и со 9 поени предност, но кон крајот на првата четвртина МКК Куманово направија пресврт и ги завршија првите 10 минути во нивна корист. На неколку наврати во текот на играта успеваа да достигнат и повисока разлика на домаќините, но до крајот на натпреварот немаа сили за триумф. И покрај негативниот резултат, оценките се дека кумановци пружија отпор, во текот на натпреварот беа равноправни во борбата за победа, се до крајот на играта. Помал број на резервни играчи и отсуството на Докузовски на клупата беа пресудни за конечниот резултат. По 4 одиграни кола МКК Куманово има една победа и 3 порази. Моментално се на осмото место на табелата, со пет бода, а да го поправат впечатокот имаат можност во следното коло против седмопласираната екипа на Гостивар на домашен терен, во сабота на 2 ноември.
Машкиот ракометен клуб Куманово натпреварот од 9-то коло ќе го игра на домашен терен, на 30 октомври против екипата на Градскиот ракометен клуб Охрид. Мечот се игра во спортската сала на средното училиште „Перо Наков“ со почеток во 18 часот. До сега има само 2 победи и 6 порази, и негативна разлика од 32 гола.
Фудбалерите на „Башкими 1947“ го победија тимот на Саса од Македонска Каменица, со резултат од 2:1. Со новите три бода во првенството се вратија на третотто место на табелата. Стрелци за кумановчани беа Аган Сулимани и Енсар Саити.
Фудбалерите на Градскиот фудбалски клуб Куманово одиграа нерешено, без постигнат погодок на натпреварот на гости кај ФК „Ринија 98“. Натпреварот заврши со конечен резултат 0:0, иако кумановци имале дури 5 големи шанси за погодок. Благодарение на голманот и капитен Горан Трајковски избегнат е пораз по шут во последната минута по брз контранапад на противничката екипа. Наредниот натпревар ГФК Куманово ќе го игра на домашен терен, против екипата на ФК „Фортуна“.
Женските ракометарки следниот натпревар ќе го играат на 3 ноември, во недела исто како домаќини во салата на економското училиште „Перо Наков“. Ја пречекуваат екипата на ЖРК „Овче поле СУ“, кои се на претпоследното место на табелата со 2 победи и 4 порази. Кумановските ракометарки имаат 4 победи и само еден пораз. Второпласирани се, со досега освоени 8 бода и еден одигран натпревар помалку.
(фото. архива)