Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Екипата на Куманово го забележа и вториот пораз во ФИБА Еврокупот од полскиот претставник Роса Радом со резултат 84:75.
Лошата одбрана е главниот виновник за овој нов пораз на кумановчани на овој натпревар. Иако Куманово се обидуваше да наметне свој стил на игра, Пољаците не дозволија да бидат успорени и поголемиот број на поени во првата четвртина ги постигнаа од контра-напад.
Кога Куманово почна поубаво да ги брани контра-нападите во втората четвртина, тогаш Роса Радом почна да игра позиционирано, а кошот на Куманово го полнеше кошаркар кој од втор план добиваше топка и во најголем дел од случаите беше целосно сам или имаше чиста позиција за шут. Пољаците беа агресивни во нападот па на одличната игра придодадоа и 13 офанзивни скока во текот на целиот натпревар. Очигледно е дека скаутингот ја одработил својата работа, па Куманово беше нападнат во сегментите каде што е најслаб.
Иако играа атрактивно и делуваа дека имаат целосна контрола над мечот, Роса Радом не воспостави некоја позначајна предност на мечот. Водеа 17 поени разлика на почетокот на втората четвртина, меѓутоа Куманово брзо се враќаше на десетина поени негатива но цело време натпреварот беше отворен.
Кумановчани се потпреа на шутот за три, кој не ги послужи во вториот период, меѓутоа донесе одличен резултат во третата четвртина кога Куманово беше на чекор да направи пресврт. Во последниот период од мечот, Куманово стигна на 2 поени негатива, меѓутоа Зајцев и Харис со две последователни тројки ја вратија сигурната предност за домаќинот.
Иако Урош Луковиќ имаше пет блокади на овој меч, тоа не ги спречи кошаркарите на Роса Радом да имаат пет забивања на овој меч. Последните две следуваа по гореспоменатите тројки кои ги растурија надежите на Куманово за победа во овој натпревар.
Тори Томас постигна 20 поени, 3 скока, 5 асистенции и 2 украдени топки во победата на Роса Радом. За Куманово Урош Луковиќ постигна 27 поени, 12 скока и 5 блокади.
Наредниот натпревар Куманово го игра во домашното првенство против екипата на Работнички.