Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Единствениот кумановец кој игра во тим на американската војска во Авганистан, успејал да се здобие со признание најдобар и најкорисен кошаркар на годишните турнири, и да докаже дека и Македонците се кошаркарска нација.
Виктор Крстевки - Диско (32) од Куманово е прогласен за најдобар и најкорисен кошаркар на американската војска во базата Баграм Ер Филд Авганистан, откако неговиот тим "МWR Stars" го освоил првото место. Крстевски за МВП играч е прогласен две години по ред, откако на годишните турнири покажал извонредна игра и освоил златен медал. Со тоа ги освоил гласовите на искусни кошаркари од американската колеџ лига и спортски ветерани од американската армија. На турнирот учествувале 17 екипи, а тимот во кој игра Крстевски е составен од поранешни играчи на американски колеџи Илиноис, Вирџинија, Орландо и Џорџија.
Турнирот траеше еден месец, а учествуваа 17 екипи. Во конкуренција беа 120 квалитетни кошаркари и до последен момент беше неизвесно кој ќе биде победникот. Јас сум единствениот Македонец, кој игра во таков тим и одлично сум прифатен од екипата. Заеднички ги делиме успесите и владее хармонија и колективен дух. Покрај златните медали сите добивме и дипломи и сертификати за освоено прво место, но поголемо е задоволството што успејав да им покажам на Американците дека Македонец може да биде подобар од нив - вели на шега Крстевски.
Тој објаснува дека во американската колеџ кошарка играта е подинамична и со многу поголема физичка подготвеност, за разлика од нашата кошарка каде нападот е поизразен, а одбраната послаба. Но и покрај тие разлики неколку негови соиграчи пројавиле интерес еден ден да играат за тимот на Куманово, како засилување од странство.
Тие велат дека за нив би било добро искуство да дојдат да играат во нашата лига. Доколку раководството на кошаркарскиот клуб Куманово е заинтерсирано за таква идеја, би можело да се направи добра соработка. Овде ги гледавме речиси сите натпревари на македонската репрезентација на Европското првенство. Играта на Бо Мекејлеб ја оценија како игра на еден од најдобрите НБА кошаркари. На шега ми рекоа: „Голема штета што ни го зедовте, бидејќи Бо има совршена способност на движење и пробој, кој многу малку кошаркари од НБА го имаат“. Им го покажував видео материјалот од пречекот на македонските кошаркари во Скопје. Искрено беа воодушевени од тој настан, како и од другите играчи во екипата - вели Крстевски.
Кумановскиот кошаркар по враќањето од Авганистан, сака да ја продолжи кариерата во својот град, од каде ги направил првите чекори во кошарката. Внимателно ги следи сите натпревари на Куманово и посакува да се пласира во Супер лигата на Македонија.
Оваа екипа на Куманово има перспектива и со мали освежувања на позицијата центар и плејмејкер, може да се бори за највисок пласман во лигата. Од се срце посакувам да ги видам меѓу шесте најдобри, а на кумановските навивачи Кумани им праќам посебен поздрав. Најдобри сте!- вели Крстевски.
Тој пред да замине на работа за Авганистан, играл во најголем дел од клубовите од Македонија. Со Струмица го освоил шампионатот на Македонија 2006/07, потоа играл за Вардар и Куманово. Во Куманово во 2004/05 година го освоил Стрит баскетбол со неговите колеги и пријатели Слаѓан Антевски - Сламка, Аце Недељковиќ-Жаба и Крстевски Александар-Крсто.