„Чистота“ ќе добие уште 3 милиони денари за одржување на зеленилото на нови локации во градот
Со ребалансот на буџетот, ЈП „Чистота и зеленило“ ќе добие дополнителни 3 милиони денари, или околу 50.000 евра, за одржување на зеленилото и цветните површини на нови локации во градот.
Со измените на Програмата за одржување на градското зеленило за 2026 година се предвидува проширување на опфатот за уредување на зеленилото на уште неколку локации и улици.
„Со ребалансот на буџетот се обезбедуваат дополнителни 3 милиони денари, а со тоа се прават дополнителни напори за работа на одредени улици и населби. На овие локации и претходно се работело, а станува збор за зеленилото на локалитетот „Техномаркет“, улиците „Вараждинска“, „Видое Смилевски-Бато“, „Ѓорче Петров“ и „Бајрам Шабани“, како и патиштата кон Сателит, селото Проевце и Кисела Вода. За фитопатолошки активности се издвојуваат дополнителни 180.000 денари“, изјави директорот Сашо Томиќ.
Советничката Марина Манојловска смета дека проширувањето на програмата има само една цел – да ги оправда средствата што Општината ги издвојува за покривање на платите на вработените. Таа потсети дека пред неколку месеци беше зголемена цената на услугата за собирање смет, а сега повторно се издвојуваат пари од граѓаните на претпријатието.
„Факт е дека граѓаните не се задоволни од начинот на кој се одржува зеленилото во градот. Знам дека имате желба, но немате средства, можности, ниту возила. Затоа сметаме дека овие пари се наменети за плати, а не за одржување. Она што гледаме дека се одржува се само градскиот плоштад и малиот плоштад. Парковите се во катастрофална состојба, а истото важи и за останатите зелени површини. Со ова само даваме пари за плати, а не за ништо друго“, изјави Манојловска.
Директорот Томиќ не се согласи со констатацијата на Манојловска дека кон Проевце и Сателит не се одржуваат зеленилото и чистотата. Напротив, тој посочи дека таму редовно се коси, како и во другите паркови. Најави и дека во наредниот период ќе бидат организирани големи акции за пошумување на локациите каде што при невремето беа соборени голем број дрвја.
Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска, изрази надеж дека дополнителните средства ќе бидат доволни до крајот на годината, а побара и интервенција за заштита на младите дрвца покрај булеварот „Октомвриска револуција“. Таа побара од надлежната комунална служба и МВР да ги санкционираат несовесните граѓани кои го уништуваат зеленилото.
За Програмата за одржување на зеленилото во Куманово досега беа предвидени 32 милиони денари, а со ова дополнување вкупниот износ ќе достигне 35 милиони денари. Минатата година за оваа намена биле издвоени 40 милиони денари.