Мени

Во акција на АНБ и БЈБ приведени пет лица од Скопје и Куманово, планирале атентат во Грција

17.11.2026 15:53 | KumanovoNews

Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Бирото за јавна безбедност (БЈБ), реализирале заедничка акција насочена кон откривање и спречување активности поврзани со кривичните дела „тероризам“ и „терористичка организација“.

Во акција на АНБ и БЈБ приведени пет лица од Скопје и Куманово, планирале атентат во Грција

Акцијата следувала по информациите добиени во меѓународната соработка, а  се однесувале на шест лица, државјани на Македонија, на возраст од 29 до 73 години, од Скопје и Куманово.

„По преземените координирани оперативни и истражни активности, акцијата беше реализирана од надлежните полициски служби при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, со поддршка на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“. Врз основа на наредби од судија на претходна постапка, беа извршени претреси на четири локации, при што беа лишени од слобода четири лица. Дополнително, во Република Грција беше лишено од слобода уште едно лице, кое беше предадено на надлежните органи во нашата држава. По шестото лице, за кое има сознанија дека се наоѓа надвор од државата, се трага“, соопшти МВР.

При претресите биле пронајдени и одземени мобилни телефони, лаптопи, персонални компјутери, УСБ-мемориски уреди, тефтери со контакти, скица со означена локација, како и огнено оружје и муниција, од кои дел биле без соодветна дозвола. Одземените предмети ќе бидат предмет на понатамошни анализи и вештачења.

„Во текот на постапувањето беше утврдена меѓусебната поврзаност на лицата, како и нивната поврзаност со странски државјани, меѓу кои и лица поврзани со т.н. прокси-мрежи. Исто така, беше утврдено дека имале намера да извршат терористички акт насочен кон цел на територијата на друга држава. За преземените активности и утврдените сознанија е известено надлежното јавно обвинителство, а на пет лица им се определени соодветни мерки од страна на судија на претходна постапка“, се додава во соопштението.