Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Прволигашките екипи од Куманово вчера забележаа три порази на вчерашните натпревари што ги играа на домашен и гостински терен.
Женскиот ракометен клуб Куманово беше поразен на домашен терен од Ѓорче Петров, лидерот во Супер лигата за жени, додека машкиот ракометен клуб Куманово загуби на гостувањето во Радовиш. Кошаркарите на МКК Куманово, пак, не успеаја да слават во дуелот со Работнички во Скопје.
ЖРК Куманово загуби од Ѓорче Петров со 27:29, иако натпреварот беше крајно неизвесен. Кумановки имаа континуирана предност во првото полувреме и на одмор заминаа со минимална предност од 15:14. Клучниот момент на мечот се случи на почетокот на вториот дел, кога судиите го исклучија тренерот Славиша Димитријевски, што им даде дополнителен мотив на гостинките. До последните пет минути резултатот беше израмнет, но Ѓорче Петров постигна два гола во самиот финиш, додека Ангела Шехтанска не реализираше пенал за Куманово. По овој пораз, кумановските ракометарки остануваат на петтото, претпоследно место во плеј-офот со 5 освоени бода од 9 натпревари. Следниот натпревар го играат во Штип против Астибо, на 30 март.
МРК Куманово не успеа да избегне пораз на гостувањето во Радовиш, каде домашниот тим славеше со 28:25. Кумановци добро го отворија натпреварот и поведоа со 5:2, но домаќините брзо ја консолидираа играта, а резултатот во најголем дел од првото полувреме беше израмнет. На паузата, Куманово имаше предност од 14:16. Во вториот дел, Радовиш ја презеде иницијативата и во последните десет минути успеа да направи разлика која гостите не можеа да ја анулираат. Давид Димевски беше најдобар стрелец за Куманово со 10 погодоци. По овој пораз, МРК Куманово останува на 9 место со 10 бодови и ќе продолжи да се натпреварува во плеј-аут фазата, каде ќе пренесе 2 бода. Натпреварите од оваа фаза стартуваат на 2 април, додека ждрепката за распоредот е закажана за 27 март.
Кошаркарите на МКК Куманово беа поразени во Скопје од Работнички со резултат 80:72, во рамките на 20 коло од Првата лига. Првата четвртина заврши со 14:13. Сепак, во втората четвртина Работнички направи серија од 8:0 и до крајот на мечот ја контролираше играта. Александар Радукиќ беше најефикасен во редовите на Куманово со 27 поени, а Урош Луковиќ постигна 19. Овој натпревар директно влијаеше на пласманот на табелата, па Кумановци остануваат на 4 место со 32 бодови. До крајот на регуларниот дел од сезоната остануваат уште две кола, а во следниот меч, на 30 март, Куманово ќе го пречека тимот на Чаир 2030.