Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кошаркарскиот клуб Куманово нема да ги добие средствата во висина од 1,5 милиони денари кои се предвидени во Програмата за развој на спорт и рекреативни активности усвоен и одобрен од Совет на Општина Куманово, затоа што градоначалникот Максим Димитриевски смета дека се злоупотребувале од раководството на клубот.
Фото: Screenshot - Youtube
„Таму има недомаќинско работење и верувам дека еден ден ќе биде предмет на истрага на државни надлежни органи. Нема да се исплаќаат средства на КК Куманово се додека финкционира така и не се придржува на се она што го имаат поднесено како апликација до Општинскиот сојуз на спортови. За многу брзо на седница на Совет ќе гласаме за прераспределба на средства. Дали ќе пропадне кошарката – нема да пропадне. Има и други кошаркарски клубови во овој град со кои нема да дозволиме да згасне кошарката. Тие ќе развиваат млади генерации на кошаркари и нема да плаќаат дебели хонорари на поединци кои ќе играат“, изјави градоначалникот Максим Димитриевски, одговарајќи на прашањето на советникот Дејан Ивановски од СДСМ, зошто не се исплаќаат средствата на клубот кои се предвидени во буџетот.
Од Кошаркарскиот клуб Куманово најавуваат дека ќе поднесат тужба до Општина Куманово поради неисполнети обврски и до градоначалникот заради изнесените невистини на седницата на Советот.
„Општината требаше до 31 март да ја исплати првата рата, а до 30 јуни втората рата од средствата предвидени со програмата, со што го прекрши законот. За тоа ќе преземеме правни мерки, но и за сите неосновани обвинувања кажани во Советот “, велат кратко од клубот .
За реализација на Годишната програма за спорт и рекреативни активности Општина Куманово има одвоено вкупно 16,55 милиони денари. Од тоа за спортските клубови се предвидени близу 11 милиони денари. КК Куманово во ставката врвен спорт и како прволигаш треба да добие 1,5 милиони денари. За споредба машкиот ракометен клуб добива 2,5 милиони денари, а новоформираниот Градски фудбалски клуб Куманово, кој се натпреварува во трета лига 1,1 милиони денари.
Кошаркарскиот клуб Куманово во новата сезона ќе игра во Втората кошаркарска лига, поради финансиските проблеми кои се дирекна последица на несогласувањата помеѓу управата и општинските власти.
„Политичката пресметка уништи уште еден успешен спортски клуб и го остави градот без врвен спорт“, велат разочарано љубителите на кошарката - најпопуларниот спорт во градот.
КК Куманово од 2009 година на два пати бил вице - шампион на Македонија, играше финале на Куп и финале на Балканска лига, и беше гордост на Куманово.