Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
30 велосипедисти од 8 клуб од Македонија денеска учествуваа на традиционалната велосипедска трка што се организира по повод празникот 11 Октомври низ улиците на Куманови.
Должина што ја возеа сениорите беше 60 км, односно 16 кругови, за јуниори 12 кругови, за останатите 8 кругови. Ние како организатори сме многу задоволни. Имаме победи, не ни е првпат, трката е традиционална - изјави Марјан Петровски, спортски директор во “Вело - М“.
Никола Ѓукиќ, член на кумановскиот клуб “Вело - М“ победи во категоријата јуниори.
Убедливо победив со разлика од една минута од другите натпреварувачи. Многу сум задоволен од трката, ова е добар резултат за мене. На врв на ранг листата сум, ми останува уште една трка до крајот на сезоната - вели Ѓукиќ.
Од кадетите најдобар беше Кристијан Николов , велосипедист од клубот “МВК“ Велес.
Континуирано се подготвувам за трки цела година, не запирам. На оваа трка за трофеј 11 Октомври учествувам трети пат. Чест ми е што го добив трофејот. Секоја награда за мене е важна - рече Николов.
Награда доби и најстариот учесник на трката, Изим Барјами (57), член на “Вело - М“.
Трката е под покровителство на локалната самоуправа. Од секторот за спорт и култура велат дека кумановските велосипедисти со својот успех го промовираат Куманово во и надвор од границите на Македонија.
Куманово беше иницијатор и организатор на меѓународна велосипедска трка низ Македонија. Ја организираше 7 години по ред, влезе во светскиот календар за бодување во меѓународна федерација за велосипедизам. За жал кога го постигна врвот да влезе трката се прекина - рече Жика Крстевски, раководител на сектор за спорт и култура во Општина Куманово.
Победници на трката во женска категорија се: Анета Антовска од клуб “Енерџи“ од Скопје, втора е Росица Костовска од “Мадалбал“ од Скопје. Во категорија мастерс победија: Александар Гарача од “Мадалбал“, втор е Игор Костов од клубот “Водно“ и трет е Борче Јордановски од “Водно“. Од кадетите победија: Кристијан Николов од “МВК“, втор е Новица Велјановски од “Екодром“ од Охрид, трет е Денис Колевски од “Вело - М“. Од јуниори прв е Никола Ѓукиќ од “Вело - М“, Јован Јовановски од “Екодром“ е втор и Димитар Велков од “Енерџи“ е трет. Во категорија сениори прв е Ивица Давидовски, Стефан Петровски втор и трет Зоран Ристовски, сите членови на “Вело - М“.