Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со значително подмладен тим како засилување, но и поискусни играчи кои настапуваа минатата сезона комплетиран е Машкиот ракометниот клуб Куманово (МРК Куманово).
Тие веќе официјално стартуваа со подготовките за новата натпреварувачка сезона, по што ќе следуваат серија пријателски средби и турнири за воигрување на тактиката за предизвиците во ракометниот шампионат.
Машкиот ракометно првенство оваа година е скратено и ќе биде многу посилно од минатата сезона. Кумановци ќе се обидат да обезбедат опстанок, но ќе бркаат и шанса да влезат во ТОП 6 тимови во лигата.
„За разлика од минатата година имаме промени во екипата во играчкиот кадар. Подмладен тим кој е базиран на македонски и домашни ракометари со едно интернационално засилување од Бразил. Поголемиот дел од играчите од минатата година успеавме да ги задржиме, мислам на поискусните и заедно со новите засилувања го комплетиравме ростерот. Верувам и сигурен сум дека имаме квалитетен тим со кој ќе можеме со секого да се надигруваме кога ќе стартува новиот шампионат“, изјави шефот на стручниот штаб Љубиша Димковски.
Претседателот на МРК Куманово Даниел Трајчевски, вели дека стартуваат со амбиција да го претстават тимот и градот во најсветло можно издание во машкиот ракометен шампионат и не гледаат причина зошто не би биле дел од најдобрите шест екипи, односно да обезбедат влез во плејофот. Но, ќе бидат задоволни доколку повторно успеат и да опстанат во лигата. Тимот значително е подмладен и во лигата влегуваат како еден од најмладите состави.
Супер лигата е силна и секој меч ќе биде клучен доколку сакаат да направат добар резултат.
„Во тимот засега ќе се работи со ракометарите со кои постигнавме договор и очекуваме уште двајца играчи кои треба да ни се приклучат, поточно да дојдат на проба некаде околу 10 август. Само да кажам дека и оваа година МРК Куманово ќе се натпреварува во три младински категории пионери , кадети и младинци“, истакна претседателот на МРК Куманово Даниел Трајчевски.
Подмладокот, традиционално како и секоја година, ќе замине на подготовки седум дена во Дојран. Се работи за 90 дечиња, а најдобрите од нив ќе добијат шанса во првиот тим на МРК Куманово. Оваа сезона пет играчи веќе се дел од најдобриот тим токму од младинските категории, и од нив се очекуваат добри резултати како и во предходните сезони, заклучува Трајчевски.