Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Екипата на Основното училиште „Кочо Рацин“ е победник во футсал лигата во организација на Општинскиот сојуз на училишен спорт (ОСУС) Куманово. Второпласиран е тимот на „Бајрам Шабани“, а на трето место училиштето „Крсте Мисирков“.
Во лигата учествуваа 15 основни училишта, со играчи од осмо и девето одделение.
„По „фајнал 4“ натреварите го добивме конечниот пласман, а победниците ќе имаат можност да учествуваат во зонскиот натпревар на 10 декември. Домаќини сме на тој турнир, кој ќе се игра во салата на средното „Киро Бурназ“, а на него ќе учествуваат уште две екипи- едната формирана со играчи од Кратово и Крива Паланка, втората од Свети Николе и Пробиштип“, истакна Марјан Нојковски, претседател на ОСУС.
Првите три екипи добија пехар и диплома, додека екипата на „Јероним де Рада“ како четвртопласирани добија само диплома за учество.
Тимовите биле поделени во две групи, едната имала 7 екипи, втората 8, a одиграни се 48 натпревари. Прво и второ пласираните екипи од секоја група играле меѓу себе до добивање на конечниот победник. За неполни три месеци биле одиграни вкупно 52 натпревари
По прв пат се организира лига во тимски спорт на локално ниво, а организацијата била сериозна од самиот почеток. Натпреварите се играле по однапред подготвен распоред, а во организацијата и спроведувањњето на лигата активно учество земале професорите по физичко и здравствено образование.
Во лигата свои екипи имале „Вук Караџиќ“, „Браќа Миладиновци“, „Магдалена Антова“, „Кирил и Методиј“ Романовце, „Јероним де Рада“ од Черкези, „Кочо Рацин“, „Карпош“ село Умин Дол, „Светозар Марковиќ“ од Старо Нагоричане, „Битолски конгрес“ од село Лопате, „Крсте Мисирков“, „11 Октомври“, „Наим Фрашери“, „Христијан Карпош“, „Бајрам Шабани“ и „Толи Зордумис“.
Целта на еден вакво првенство била откривање на млади спортски таленти, но и анимација на младите за активен начин на живот.
„Сакавме да ги анимираме и мотивираме децата, а натпреварите покажаа дека има и талентирани и заинтересирани играчи, кои би продолжиле со тренирање во некој клуб. Или едноставно би го прифатиле активниот, спортски начин на живот наспроти седечкиот кој е се повеќе застапен кај сите возрасти“, објаснува Нојковски.
Лигата во детска атлетика, и лигите во одбојка за ученички од 6 и 7 одделение, и 8 и 9 одделение продолжуваат и во пролетните месеци.