Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во спортскиот комплекс „Соколана“ во Куманово денеска во 16 часот ќе започне првиот Меѓународен меморијален боксерски турнир „Мирослав Петровиќ“, кој го организира Боксерскиот клуб Куманово.
На турнирот ќе учествуваат боксери од Македонија, Србија и Косово.
„Имаме квалитетни учесници на турнирот. Ќе се одиграат 19 борби во кадетска, јуниорска и сениорска категорија. Шлагворт на турнирот ќе бидат шест квалитетни сениорски борби. Куманово ќе настапи со пет боксери во трите категории, ќе учествуваат и репрезентативци“, изјави Самет Салиевски, од организацискиот одбор задолжен за програмата.
Подготовките за турнирот траат една година и организаторите се надеваат дека овој настан ќе стане традиционален и ќе прарасне во еден од подобрите турнири не само нашата држава, туку и пошироко.
„Преку овој турнир сакаме да го вратиме во живот боксерскиот клуб, да анимираме што повеќе деца да тренираат бокс и за неколку години да имаме големи успеси и медали “, кажа Влајко Стојчевски од организацискиот одбор на турнирот.
Организаторите ги повикаа граѓаните и љубителите на боксот да дојдат и дадат поддршка на манифестацијата.
Турнирот го носи името на познатиот кумановски спортски работник Мирослав Петровиќ, кој почина во 2017 година, истакнат боксер и тренер, кој со својата работа и посветеност успеа да создаде боксерски имиња кои го промовираа градот и државата на најголемите спортски натпревари, освојувајќи олимписки, европски и светски медали.
Турнирот се одржува под покровителство на градоначалникот и Советот на Општина Куманово, Боксерска федерација, Фондацијата за спорт и култура и Општинскиот сојуз на спортови Куманово.