Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Ракометарките на Куманово, по завршување на групната фаза од Женската регионална лига (ВРХЛ лига) каде го освоија првото место на табелата во втората група, во моментот продолжуваат со интензивни тренинзи.
Во наредниот период, во рамките на Регионалната лига, ЖРК Куманово го очекува натпревар со последно пласираната екипа од првата група во која се наоѓаат екипите: Будуќност, Подравка, како и екипите Јагодина и Крим од Словенија, кои заедно го делат третото место.
Претседателот на клубот на ЖРК Куманово Бобан Пеовски, вели дека за тоа со кој ќе игра нивната екипа ќе се знае по 15 март, затоа што од 13 до 15 март во Србија каде домаќин ќе биде Јагодина, ќе се одигра последниот турнир од првата група и вели дека тие како екипа се подготвуваат и со по два тренинзи дневно.
- Таа утакмица бараж ќе се игра на домашен терен, сигурно дека секоја екипа од таа група е фаворит, но бидејќи ние игравме пријателски натпревар со Јагодина, видовме дека можеме да играме со нив. Во втората пријателска утакмица не можевме да им овозможиме некој поголем отпор, бидејќи на нив им почнуваше првенството за една недела и беа физички многу повеќе подготвени. Меѓутоа, сега со тренерот Ненад Краљевски, ќе се работи двапати дневно, а со тоа нормално и дека се гарантира напредок кај играчите,- додава Пеовски.
ЖРК Куманово од досегашните четири одиграни напревари во Регионалната лига постигна 191 гол, каде најдобрите пет стрелци од нашиот клуб во ова натпреварување се: Леонида Гичевска 33 гола, Александра Боризовска 27 гола, Медеа Чокели 25 гола, Јована Кипријановска 24 гола и Мила Трајковиќ со 23 гола.