Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Сојузот на борци Куманово денеска во Центарот за култура одбележа 70 години јубилеј од излегување на првиот кумановски одред на чело со командирот Христијан Тодоровски - Карпош.
Одредот на почетокот броел само 17 борци, а како одминувало времето членството станувало помасовно.
Борците се присетуваат дека на 26 јуни 1943 година од воденицата на Ангел Тодоровски, таткото на херојот Христијан Тодоровски - Карпош и од бавчата на Денко Цеков излегле првите борци кои ја формирале четата.
Било договорено да не се направи грешка како во 1941 година, да одат во Јужноморавски одред, да се искалат, да се обучат малку и потоа да се вратат на Козјак. Двете групи требало да се состанат на просторот каде е денешната населба Карпош. Карпош стигнал прв, но другата група доцнела и тој за половина час тргнал кон селото Гулинце од каде што биле неговите родители. Веднаш се покажал неговиот немирен дух и на 4 јули во селото Сув Ора ја напаѓа општината и ја запалува општинската архива. Ова била првата искра на отпор - вели Благе Јакимовски, секретар на Сојуз на борци Куманово.
Борците се горди затоа што многу млади се вклучиле во борбата против окупаторот и дале свој придонес.
Беше многу тешко. Бугарите палеа, ги малтретираа луѓето и гледавме да се здружиме и да си помогнеме. Јас сум од Козјачие. Тогаш бев многу млада, имав 14 години, прифаќавме болни, месевме леб, сместувавме бригади, обезбедувавме храна, ги прифативме како свои браќа - изјави Косара Георгиевска, учесник во НОБ.
На свечената академија се обрати и градоначалникот Зоран Дамјановски кој на борците им посака уште многу години да го слават овој светол момент од македонската историја.
Ова е датум кој го покажува и докажува придонесот на овој регион и на Куманово како носител на факелот на слободата во Република Македонија. Јас сум горд што припаѓам на една генерација на луѓе кои успеаа да извојуваат една голема победа, победа за ослободување од фашистичкото ропство и националното ослободување на Македонија кое некои во поново време сакаат да го ретушираат и да го прикажат во ново светло - изјави Дамјановски.
Претседателот на Сојузот на борците Куманово, Душан Јовановски поради здравствени причини не се појави на настанот, но од негово име прочитаа кратка порака.
На свечената академија имаше борци од Крива Паланка, Кратово, Пробиштип, Свети Николе, Старо Нагоричане, како и гости од Врање од соседна Србија.