Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Македонскиот актер Гоце Тодоровски ја доби наградата лауреат на Меѓународниот тетарски фестивал (МТФ) „Свети Јоаким Осоговски“, во Крива Паланка, која годинава се доделува по 12-ти пат за значаен придонес во областа на театарот и културата.
Наградата на Тодоровски му ја врачи градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, а за актерското творештво и достигнувањата на познатиот актер говореа Гоце Ристовски, театарски критичар, драматург и писател и Благоја Чоревски истакнат македонски актер.
Заблагодарувајќи се за наградата, за која рече дека му е исклучително драга, лауреатот Гоце Тодоровски се потсети на изминатите години од актерскиот стаж и на зборовите на ненадминливиот Петре Прличко.
„Прличко ја гледаше претставата „Солунски патрдии “, која се играше во Драмскиот театар, каде јас го глумев ликот на Цонде, седна до мене и ми рече „Сега можам на раат да умрам. Видов дека имам наследник во тебе“, истакна Тодоровски.
Гоце Тодоровски, театарски, филмски, ТВ и радио актер, познат и е на публиката како исклучително надарен и суптилен комичар, кој одиграл бројни и забележителни улоги во својата богата актерска кариера. Ќе остане запаметен по улогата на Тодор во култниот филм „Среќна Нова 49“ и легендарната реплика „Морално беше Пиги“. На јавноста и е познат како неодминлив лик во македонските народни приказни, ТВ серијата „Балкан бенд“, претставата „Женски оркестар“ и радио емисијата „Хихирику“. Познат е по маестралните улоги во Лет во место, Болва в уво, Викенд на мртовци, Грев или шприцер, Црвениот коњ,Трст виа Скопје и многу други. Иако пензионер од Драмски театар, неговиот глас се уште го слушаме во синфронизираните ТВ серии.
Поради здравствената криза, годинава во рамките на МТФ „Свети Јоаким Осоговски“ нема да има театарски претстави.
(Ж.Ц.)