×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Oколу 13.000 патници дневно се возат бесплатно, тврди диспечерскиот центар, опозицијата се сомнева во бројките

    07.07.2023 18:31 | Сузана Николиќ

    Околу 13 илјади патници дневно го користат градскиот превоз во Куманово покажа извештајот кој го изработи  диспечерскиот центар, како дел од информацијата за начинот на реализирање и ефективноста од спроведувањето на Одлуката за субвенционирање на општинскиот линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово.

    Oколу 13.000 патници дневно се возат бесплатно, тврди диспечерскиот центар, опозицијата се сомнева во бројките

    Анализата е доставена до Секторот за комунални работи, инфраструктура и сообраќај и заштита на животната средина во општина Куманово и се однесува за првите 6 месеци од спроведувањето на мерката. Во неа се вели дека има зголемување на бројката на патници од  7.000  на 20.000.

    „Во јануари се превезени 12.338 патници дневно и 294.800 месечно, во февруари 12.789 дневно и 305.536 месечно, во март 13.101 дневно и 352.047 месечно, во април 13.102 дневно и 299.858 месечно. Во мај дневно се превезени 12.986 и месечно 322.812 патника, додека во јуни на дневна основа се 11.503, а месечно 298.123 патника“, стои во извештајот доставен до советниците.

    Советникот Миле Андоновски од Партијата на пензионерите смета дека извештајот не е рационален приказ за остварените резултати и бројот на корисници, бидејќи е изработен од диспечерскиот центар, кој го формирале превозниците, односно тие што го спроведуваат превозот и на кои општината им плаќа, па немаат обврска да го утврдат точниот број на патници.

    „Мене не ми е јасно како пораснала бројката од 7.000 на 20.000 патници, ако по она што е прикажано секој месец е различен. Ме интересира како избројаа дека во февруари имало 12.979 патници, во март 13.101 дневно, а не постои систем за броење. Јас како претставник на Советот, воопшто, ама воопшто не верувам на информациите што ги дава диспечерскиот центар. Тие се страна заинтересирана за остварување на профит, и јас немам ништо против тоа, но ние како совет и вие како сектор имаме обврска да знаеме како се трошат парите од буџетот, тоа се огромни средства од 750.000 евра и се трошат без никаква контрола“, заклучи Андоновски.

    Раководителката на Секторот за комунални дејности Лидија Ланг Спасовска, кажа дека и тие имаат сомнежи дека се возат 13.000 луѓе дневно, но Општината не плаќа по бројот на патници, туку по километар и нема злоупотреба на средства.

    „Ние можеме да ја провериме километражата и дали линиите се возат и дали навремено поаѓат и пристигнуваат автобусите. Бројката на патници за жал не можеме да ја утврдиме, затоа што немаме систем за броење. Бројките кои ги имаме се добиени од диспечерскиот центар и од инспекциските служби кои го контолираат превозот“, кажа Ланг Спасовска.

    Таа потсети дека со одлуката за финансирање на јавниот превоз за првите 6 месеци се одобрени 30 милиони денари, уште 15 милиони денари за наредните три месеци, па дополнително уште 2.25 милиони денари за превоз до селото Клечовце. Тоа е вкупно 47.25 милиони денари или 768 илјади евра. Превозниците за услугата наплаќаат по 40 денари од изминат километар, а не по број на патници. Дали превозот е спроведува согласно договорот контролираат општинските инспекциски служби.

    Според советникот Александар Јовановски од СДСМ бројката на патници е на половина од она што е прикажано, а мерката не ги дала очекуваните резултати како што е намалениот сообраќаен хаос и загадувањето на воздухот што било основ да се понуди ваков проект.

    „Не e спорно дека дел од жителите се задоволни од мерката, но дали тие се доволни за да продолжи овој проект. Дали вреди да се потрошат толкави пари, ако не го користа доволен број на граѓани“, кажа Јовановски, кој побара и да се направи увид во исплатените средства.

    За советниците од позицијата на ВМРО-ДПМНЕ и За наше Куманово, извештајот е реален и ја покажува вистинската слика за искористеноста на јавниот превоз во време на економска криза и го сметаат за голема помош на граѓаните. Повеќето рекоа дека мерката е оправдна и треба да продолжи.

    Советниците Албанци главно имаа забелешки дека за шест месеци не е направено ниту едно стојалишта на улиците  во населбата Тоде Мендол и Бедиње, поради што граѓаните потешко го користат превозот во овој дел на градот.

    Куманово на почетокот на годината како прва општина во земјата воведе бесплатен градски превоз на 6 месеци, а потоа го продолжи уште на три и ќе трае до крјаот на септември. Градоначалникот Максим Димитриевски најави дека ќе му предложи на Советот да го продолжи до крајот на годината и ќе ја чини Општината повеќе од 1 милион евра.

    Граѓаните кои го користат превозот ја поддржуваат мерката, додека останатите сметаат дека таа е селективна и непотребно фрлање на пари во време на криза, кога општината има нерешено еден куп на инфраструктурни проблеми кои ги засегаат сите граѓани.