×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Бесплатни тестирања за деменција на пензионери во Кумановската болница

    04.10.2023 13:01 | Оливера Пешевска

    Кумановските пензионери ќе можат да извршат бесплатни психолошки тестирања за проценка на деменција, откако Здружение на пензионери и Општата болница Куманово потпишаа мемеорандум за соработка. Оваа услуга треба да помогне за рано откривање на оваа болест на старите лица, која е во подем.

    Бесплатни тестирања за деменција на пензионери во Кумановската болница

    „Механизмот на соработка веќе се воспоставува, а веднаш стартуваат и активностите за имплементација на договореното. Веќе имаме двајца пријавени пациенти за психолошкото тестирање. Списоците ќе ги добиваме од здружението. Психолозите најпрвин ќе работат со луѓето кои имаат „Мој термин“, а по завршување на редовните работни обврски, ќе спроведуваат бесплатни психолошки тестови за пензионерите од здружението“, објасни директорката Билјана Ивановска.

    Нема да се тестираат сите кои ќе покажат интерес, туку оние кај кои има индикации за намалување на когнитивните и мемориските функции, или според анамнезата затоа што и генетското наследство има влијание.

    Раководството на Здружение на пензионери Куманово изразува големо задоволство од тоа што наишле на прием и разбирање кај надлежните во Кумановската болница.

    „Она што го ветив дека ќе се борам и ќе се трудам да воспоставам систем на бесплатно здравство, пред се лекови и престој во болница за лицата со навршена 70-годишна возраст почна да се остварува. Стартуваме со мали чекори, но навремената дијагностика е клучна за обезбедување на квалитетно лекување, добивање на соодветна нега и задржување на квалитет на живот како на нашите членови, така и на нивните потомци кои ја преземаат обврска за грижа на стари лица“, истакна Ристо Бошков, претседател на здружението на пензионери.

    Повод за воспоставување на ваква соработка е тоа што голем дел од корисниците на болничките и специјалистичките услуги се токму старите лица, а се совпаѓа со Интернационалниот ден за стари лица-1 октомври.

    „Разните видови на деменција и болести поврзани со мемориските капацитети се во подем кај пензионерите. И старосната граница се намалува, ако порано се јавуваа обично кај лица над 70 години, сега имаме пациенти кои пројавуваат симптоми на 65-годишна возраст, значи веднаш штом ќе остварат право на пензија“, истакнуваат  психолози.

    Таквите болести го намалуваат квалитетот на животот на заболените, но директно влијаат и многу го оптоваруваат и опкружувањето, односно семејството. Навременото дијагностицирање, редовното земање на терапија препишана од лекар-специјалист и немедицинските методи, кои се покажале како успешни се клучни за успорување на дегенеративните невролошки заболувања и ја намалуваат прогресијата. Стручњаците препорачуваат редовна лесна, физичка активност-прошетки, читање, решавање на крстозбори, следење на квизови или рачни работи, како плетење како активности кои даваат смисол на пензионерските денови, но и значително влијание на одржување на менталните функции на организмот.