Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
За уште 4 месеци да се продолжи мерката за субвенциониран линиски превоз на територијата на Општина Куманово, и за линиите утврдени со спогодбата меѓу Куманово и Општина Старо Нагоричане, одлучи мнозинството во Советот на Општина Куманово на денешната седница.
За таа намена од градскиот буџет се обезбедени дополнителни 22 милиони денари, 20 за Куманово и 2 за меѓуопштинскиот линиски превоз.
За советниците од опозицијата беше неприфатливо што одлуката се гласа на 3 јули, ќе стапи на сила со денот на објавување во Службен гласник, а ќе се применува од 1 јули.
„ Кој е тој авторитет кој може да влијае предвреме, пред донесување на одлука да продолжи да трае на 1, 2 и 3 јули, превозот да функционира. Кој е тој што може да го засени авторитетот на органот кој е надлежен за носење на вакви одлуки. Во правото постои дека се применува поповолниот закон, но ние сме Совет, не носиме закон туку донесуваме одлука за трошење на пари на граѓаните. Не знам дека постои во пракса ретроактивност во прифаќање на обврски на недонесена одлука. Кој е мотивот на превозниците да возат без пари, ако некој претходно не им кажал „не се секирајте, ќе ви биде платено““, запраша советникот Миле Андоновски.
Тој јавно се изјасни дека не сака да учествува во работи кои му мирисаат сомнително.
„Мислам дека конечно како Совет треба да кажеме не на вакви одлуки кои се неиздржани, недефинирани, недетерминирани и на штета на сите граѓани и на јавниот интерес, затоа што овде се штити личниот интерес на некои поединци. Сметам дека на овој начин се нанесува штета и се прави кривично дело со носење на ваква одлука, а бидејќи како колективен одговор не можеме да сносиме кривична одговорност сакам да бидам изземен од носењето на ова и ваква одлука“, јавно истакна советникот Андоновски, кој потсети дека тој е за субвенционирање на градскиот превоз, но по строго дефинирани правила и со персонализирано користење.
Опозицијата потсети дека и по речиси две години од воведувањето на бесплатниот превоз тој се уште не е достапен на сите граѓани, поради не постоење на автобуски постојки, посебно на улицата „Тоде Мендол“ и „Благоја Илиев Гуне“, населбата Бајрам Шабани.
„Дали има смисла да се субвенционира линиски превоз кога немаме постојки и нема точно информирање за локацијата на постојките на одредена линија, како и времињата на поаѓање и доаѓање за да може да се користи мерката. Кога ќе се преземе нешто да се определат и да се објават точните локаци кога тие граѓани да чекаат автобус. Доколку не е реализирано до сега и не се поставени тие постојки имаме двоумење и дилема дека не е преземено ништо“, потенцираше Фитор Јакупи од ДУИ.
Предлог одлуката повторно предизвика дебата само меѓу советниците од опозицијата, додека власта ја преќута точката и повторно гласаше таа да се донесе.
Советниците, уште еднаш потсетија дека Куманово има голем број на инфраструктурни проблеми како водоводна, атмосферска и канализациска мрежа, тротоари, улици, училишта, и затоа мерката ја сметаат за популистичка.
Бесплатниот јавен превоз започна да се применува од 1 јануари 2023 година и до сега е пролонгиран во неколку наврати. Минатата година беа потрошени повеќе од 1 милион евра, а годинава до крајот на октомври на сметка на превозниците ќе бидат уплатени околу 900 илјади евра.