×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Бесплатниот градски превоз во Куманово ќе продолжи до септември без анализа дали ги даде очекуваните резултати

    06.04.2023 16:07 | Сузана Николиќ

    Жителите на Куманово ќе користат бесплатен автобуски превоз до крајот на септември, откако советниците на Советот на Општината дадоа согласност субвенционирањето да се продолжи за уште три месеци. 

    Бесплатниот градски превоз во Куманово ќе продолжи  до септември без анализа дали ги даде очекуваните резултати

    Тоа значи дека наместо до крајот на јуни граѓаните ќе се возат без пари до крајот на септември.  За оваа намена Општината на превозниците ќе им исплати уште 15 милиони денари (250 илјади евра), по оние 500.000 евра за првите 6 месеци. Поради новиот трошок мораше да се направи ребаланс на буџетот.

    Против предлогот беа советниците од опозицијата, кои сметаат дека одлуката е избрзана, бидејќи службите не направиле анализа за придобивките од спроведување на мерката во првите три месеци и побараа таа да се одложи додека не се види дали дава резултати.

    „Ние немаме анализа колкав број граѓани го користи превозот, дали е тоа ускладено и дали го попречува нормалното функционирање на превозот со учениците. Колку вкупно патници се превезуваат на определена линија, колкава е оправданоста на трошоците. Се вели дека имаме бесплатен јавен превоз, но не е така, тој дебело се плаќа со парите на сите граѓаните. Тие го субвенционираат, а немаме мислење ни на тие што го користат, ниту на оние што не го користат. Јас имам чувство дека повеќекратно е поголем бројот на луѓето кои што не го користат, отколку оние што го користат. Апсолутно е неоправдано сега без вакви податоци да расправме. Барам точката да се одложи за јуни, откако ќе имаме комплетна информација за нејзината издржанот ќе одлучиме што понатаму“, побара советникот Миле Андоновски од Партијата на пензионерите.

    Тој мерката ја подржува само како помош за најзагрозените категории граѓани, бидејќи смета дека оние кои се материјално ситуирани можат сами да си ги покријат трошоците за градски превоз, па побара средствата да се искористат за други цели.

    „Сметам дека мерката е извонредна, но не е доволно обмислена и не е правична, туку паушална и служи во пропагандни цели. Тоа се големи пари, со кои може да се изгради нова водовоната мрежа на улицата Никола Тесла, која ја користат 3.100 жители, а која чини многу помалку од овој износ. Нешто што ќе остане за наредните 40-60 години за граѓаните и стопанските субјекти, на која треба да се приклучи и новата индустриска зона. Мислам дека Општината не е толку богата за да може да прави вакви експерименти. Дали на нас во општината сите други проблеми ни се решени, па можеме да фрламе во неповратно толку пари?“, праша Андоновски.

    На неговите обвинувања и сомнежи реплицираше претседателата на Советот Ивана Ѓорѓиевска, која кажа дека одлуката се носи сега затоа што не се знае кога ќе биде следниот ребаланс на буџетот, и дека во тек е изготвување на опсежна анализа за придобивките од бесплатниот јавен превоз која ќе биде дадена на увид на советниците. Според нејзините информации од превозниците, дневно се возат околу 20.000 жители на Куманово, во однос на порано кога биле околу 7.000.

    „Оваа мерка се покажа како добра, бидејќи можат да ја користат сите граѓани. Задоволството меѓу обичните граѓани е големо, но анализата ќе даде конкретни резултати. Оваа одлука се носи за да не се прекине субвенционирањето на бесплатниот превоз во третиот квартал, а за понатаму ќе видиме. Резултатите од анализата ќе покажат дали превозот се користи како што треба. Сите гледаме дека автобусите се полни, но колку се задоволни корисниците, и дали мерката ја користат они луѓе на кои секојдневно им е неопходна или не и мене ме интересира“, кажа Ѓорѓиевска.

    За Андоновски исто така дискутабилно е плаќањето кое се врши по изминат километар, а не по цена на чинење на билет и по извршена услуга. На тој начин според него, се заобиколила јавната набавка, и не постои механизам за контрола.

    „Кој одлучи или врз основа на кои критериуми и параметри е определено дека цената за еден километар треба да чини 40 денари. Барам да се објасни дали е тоа добра или лоша цена. Тоа е бунар без дно“, категоричен беше советникот Андоновски, кој кажа дека превозниците од општината и државата за училишен превоз заедно инкасираат 112 милиони денари за 9 месеци.

    Раководителката на Секторот за комунални работи Лидија Ланг-Спасовска, се правдаше дека анализата не е готова поради итноста од носењето на одлуката и ребалансот на буџетот. Таа низ конкретен пример, за линијата кон населбата Зелен Рид која е долга 10 километри, го образложи плаќањето по километар.

    „Таа линија многу се користи, а ние на превозниците им плаќаме 400 денари за една измината линија. Доколку во еден автобус се возат 40 патника по редовно утврдената цена од 35 денари би чинело 1.400 денари. Тоа беше основниот мотив да се возат сите, бидејќи многу тешко е да се прави селекција на граѓаните за град од 100 илјади жители. Тоа е сложен процес и ние немаме капацитет тоа да го направиме. Од тие причини ја утврдивме оваа цена, иако превозниците не се задоволни и тие бараат да се зголеми. Меѓутоа, тоа е економска мерка во која учествуваме зедно со нив, со цел да се подобри стандардот на граѓаните“, кажа Ланг-Спасовска.

    Андоновски се сложи дека во конкретниот пример можеби е така, но кажа дека има селски линии кои ќе ја чинат општината по 200 евра дневно.

    И советнивот Благојче Јаќимовиќ од НСДП смета дека општинските служби и превозниците доколку сакале имале доволно време да ги направат извештаите,  за да се утврди колку пари се потрошени во изминатите три месеци и дали постои оправданост на мерката за понатаму.

    „Јас не разбирам зошто толку ви се брза. Да носиме одлука за наредните три месеци па да разберам, а вака нема анализа за превозот на ученици, нема анализа за градскиот превоз, ама вие сте решиле  да дадеме уште 15 милиони денари за три месеци. Дали службите вршат некоја контрола на превозот и врз основа на што се гледа колку километри се поминати, како се потпишуваат и плаќаат фактурите. Не можеме врз основа на тоа што некој се пофалил на Фејзбук да веруваме дека мерката е добра“, кажа Јаќимовиќ.

    Советникот на СДСМ Александар Јовановски побара поголема одговорност кога се трошат народните пари и заедничко решение од сите советници во интерес на сите граѓани.

    По долгата расправа, одлуката за продолжување на субвенционирање на јавниот линиски превоз во Општина Куманово беше изгласана со 19 гласови за, 6 беа против и двајца воздржани.

    Освен претседателката, предлогот не го бранеше никој од советниците на власта од ВМРО-ДПМНЕ и За наше Куманово, а на точката не присуствуваше ни градоначалникот Максим Димитриевски.

    Бесплатниот градски превоз во Куманово започна од почетокот на оваа година, за првпат во една општина во земјава.