Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Субвенционирањето на градскиот превоз во Куманово да продолжи уште 4 месеци и да трае до крајот на октомври, предлага Општина Куманово преку Секторот за комунални работи, инфраструктура и сообраќај и заштита на животната средина и природата.
За 10 месеци Општина Куманово ќе им исплати 55 милиони денари или 900.000 евра на превозниците кои ја вршат услугата.
Дали ќе се усвои предлогот ќе зависи од советниците на наредната седница на Совет, кога на дневен ред ќе се најдат точките.
Првата точка е Предлог – Одлука за изменување на Одлуката за субвенционирање на општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово.
„За субвенционирање на општинскиот линиски превоз на патници Општина Куманово од Буџетот на Општина Куманово ќе издвои 50.000.000 денари со ДДВ за период од 10 (десет) месеци почнувајќи од 01.01.2024 год. заклучно со 31.10.2024 година. Оваа Одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Куманово”, а ќе се применува од 01.07.2024 година“, стои во одлуката по доставена во матерјалот.
За втората точка Предлог – Одлука за изменување на Одлуката за субвенционирање на линиски превоз на патници за линии утврдени со Спогодба за утврдување на заедничко организирање на извршување на линиски превоз на патници помеѓу Општина Куманово и Општина Старо Нагоричане
„За субвенционирање на линиски превоз на патници Општина Куманово од Буџетот на Општина Куманово ќе издвои 5.000.000 денари со ДДВ за период од 12 (дванаесет) месеци почнувајќи од 01.01.2024 год. заклучно со 31.10.2024 год.“, стои во одлуката
Во образложението се наведува дека потребата за субвенционирање на општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово произлегува поради големиот интерес од граѓаните за користење на бесплатниот превоз.
„Субвенционирањето на општински линиски превоз на патници на подрачјето на општината ќе продолжи и во следните 4 четири месеци од 2024 год. Од самиот почеток оваа мерка се покажа како оправдана, а како крајни корисници на јавен превоз секако се граѓаните кои се најзасегнати од секојдневното зголемување на цените па од тие причини Општина Куманово одлучи да издвои средства од буџетот за период уште 4 месеци заклучно со 31.10.2024 год. за општинскиот линиски превоз на патници на подрачјето на Општина, со што би се ублажила економската криза за сите учесници во општинскиот линиски превоз. Од оваа одлука како и досега се очекува да произлезат повеќе бенефити како што е подобрување на семејниот буџет, намалување на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје со што би се намалило и загадувањето на животната средина“, стои во образложението.
Бесплатниот градски превоз во Куманово започна на почетокот на 2023 година и требаше да трае до крајот на јуни оваа година, а чини над 1,5 милиони евра општински пари. Граѓаните се поделени за оправданоста на оваа мерка, додека едни ја фалат, други сметаат дека е популистичка и непотребна, бидејќи нерационално се трошат јавни пари на штета на други инфраструктурни проблеми кои ги има општината.