Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово минатата недела доставила 13.974 опомени за неплатен данок на имот на физички лица за 2022 година. Вредност на неплатениот данок изнесува 25.363.140 денари, односно нешто повеќе од 412 илјади евра.
Доколку не се плати заостанатиот долг во рок од 8 дена, средствата ќе се наплатат со блокирање на сметките.
„Имаме наплата од 67 отсто досега, но една третина од даночните обврзници доцнат со исполнување на обврската. Сега се доставуваат опомени, и апелираме што поскоро да се плати данокот, за да не дојдеме во ситуација на присилна наплата. За поголема комоција на должниците воведена е и електронска онлајн наплата на данокот“, изјави Ненад Стојановски, раководител на даночното одделение.
Своите обврски сите даночни обврзници, и физички и правни лица можат да ги плаќаат и во системот на новата платформа за електронска наплата enaplata.kumanovo.gov.mk. Со регистрација на меил и со внесување на матичен број за физички лица или даночен број за правни лица субјектите ќе имаат увид во целокупниот долг со кој располагаат.
Истовремено на 527 правни субјекти не може да им се достави решение за комунална такса за фирмарина за 2023 година од различни причини. Списокот со недоставени Решенија е објавен на огласната табла во просториите на општина Куманово.
Решение за присилна наплата се врши согласно чл.55 од Закон за даноци на имот, односно ќе се постапи согласно чл.73 од истиот Закон-според него барателот може да донесе Решение за забрана на користење на средства на даночниот обврзник од неговите сметки. Ова практично значи дека сметките на граѓаните или правните субјекти во банките ќе бидат блокирани и нема да можат да користат средства од нив.