Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Речиси 243 милиони денари, односно близу 4 милиони евра ќе финансиска помош ќе добие Општина Куманово преку владината програма за инфраструктурни проекти.
Ова го обелодени министерот за локална самоуправа Златко Перински по владината седница на која поминале предлог проектите на општините со кои учествувале на јавниот повик.
Предлог проектите ги доставиле шест ресорни министерства, кои направиле евалуација на барањата на општините.
„Најмногу средства, речиси 243 милиони денари ќе добие Општина Куманово, која најголем дел од финансиската помош ќе ја намени за проекти од областа на инфраструктурно и комунално уредување. Оценувањето и изборот го правеа евалуционите комисии“, истакна министерот Перински.
Општините ќе ги добиваат средствата на наменска сметка, фазно по реализирана ситуација. Целата процедура ќе ја следи координативното тело во чиј состав партиципираат претставници од сите ресорни министерства преку коишто ќе се финансираат избраните проекти.
Општина Куманово доставила три проекти во вкупна вредност од 4 милиони евра на јавниот повик- инфраструктурно уредување на Индустриската зона Речица, за атмосферска канализација на улицата Бајрам Шабани, како и развивање на гасоводната мрежа во населбата Доброшане.
Инфраструктурните проекти се оценувани врз основа на претходно утврдени критериуми и процедури на Министерството за транспорт, за животна средина и просторно планирање, образование и наука, социјална политика, демографија и млади, спорт и Министерството за култура и туризам.
На јавниот повик се поднесени 357 проекти од 80 општини, а финансиска помош ќе добијат 247 проекти на 77 општини. Предвидени се вкупни вложувања од 65 милини евра, иако повикот се однесуваше на 100 милиони евра државна помош. Ова е само првата фаза, а од следната година се планирани и други јавни повици за распределба на дополнителни средства, од проектот кој вкупно би требал да вреди 250 милиони евра.