Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Суада Ибраимовска (23) е првата боксерка во историјата на кумановскиот бокс, а во моментот е единствена и во Македонија.
Ибраимовска е членка на боксерскиот клуб „Куманово 84“ и ќе учествува на Светското првенство во бокс за жени, кое денеска започнува во Ниш. Таа ќе биде единствената претставничка на Македонија, која заедно со учеснички од 66 земји ќе се бори за што повисок пласман. Ибраимовска ќе се натпреварува во категоријата пеперутка, до 48 килограми.
Суада е родена во германскиот град Минстер, каде што студира и живее со семејството, но на почетокот на годината потпишала договор за кумановскиот боксерски клуб и Македонската боксерска федерација. Професионално со бокс се занимава пет години, во досегашната кариера двапати била државна првенка во Германија, а освоила и многу медали на национални и локални натпреварувања. Нејзина голема желба била, во што ја поддржале и родителите, да боксува за Куманово и за македонската репрезентација.
Веќе два месеца тренира во Куманово и вели дека е презадоволна од третманот и посветеноста на луѓето околу неа.
„Во Германија нема можност да добиеш толкава поддршка и да се докажеш. Турнирите се слаби. Таму не се цени многу боксот, единствениот спорт кој ги интересира е фудбалот. Овде многу повеќе работат со мене и имам повеќе шанси да успеам. Целта ми е да освојам медал во Ниш, а потоа да одиме на Светското првенство во Италија“, вели Суада.
Таа започнала со боречките вештини кога имала 15 години, бидејќи во Германија многу се популаризирале кик-боксот и ММА. По две години видела дека тоа не ја исполнува и се префрлила на класичниот бокс. На 18 години се зачленила во боксерски клуб во Минстер и таму почнала со редовни тренинзи.
На прашањето како една толку ситна и нежна девојка може да се занимава со толку груб спорт, кој може да донесе сериозна повреда, Суада вели дека во рингот има противничка која е физички иста како неа. Борбата е рамноправна и победува подобриот.
„Јас верувам во себе и не се плашам од ништо. Борбата ми е предизвик. Сакам да победувам и таа идеја ме води додека сум во рингот, друго не ме оптоварува. За да бидеш добра боксерка, треба да имаш брзина, силен удар, чувство за простор и добра техника. Јас имам добра техника“, вели младата боксерка, која ја посетивме додека напорно тренираше во спортска сала во Куманово.
Нејзиниот тренер Самет Салиевски вели дека Суада е многу талентирана и очекува на Светското првенство во Ниш да има забележителен разултат. Плановите им се да учествуваат и на други европски и меѓународни натпревари, а крајната цел им е круната на спортот – Олимписки игри.
„Ова ќе биде прво нејзино учество на големо натпреварување и без разлика на резултатот, ќе бидеме задоволни од тоа што ќе се чуе за Куманово и Македонија. Успех ќе ни биде и ако победиме во само една борба за да одиме понатаму. Но, најголемиот успех кој го посакуваме е да освоиме медал. Суада има големи амбиции и потенцијал и со правилна работа ќе постигне големи успеси, но за тоа треба време. Ѝ предвидувам блескава кариера. Таа е во најубавите години кога се дава максимум во боксот“, вели Салиевски.
Тој додава дека во Македонија нема боксерска лига, па Суада ќе се натпреварува на домашни, регионални и меѓународни турнири. Оваа година планот им е да стане првенка на Балканот.
Суада не само што е првата боксерка во историјата на кумановскиот бокс, таа е и првата Ромка во Куманово и Македонија која се занимава со бокс.
„Се надевам дека таа ќе биде поттик и за други девојчиња, бидејќи ние имаме многу талентирани деца за сите спортови, не само за боксот. Нашите жени имаат посебна енергија и сила, не се плашат и сакаат да се натпреваруваат. Еве, Суада е пример. Средорек е базата на боксот во Куманово, на сите ни е во крвта. Имаме најмалку 20 боксери кои боксувале на меѓународни натпреварувања“, вели Салиевски.
Куманово е град на боксери. Има освојувачи на олимписки медали, како Аце Русевски и Реџеп Реџеповски, па во клубот се надеваат дека еден ден и Суада ќе врати со олимписки медал.