Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Кумановската општа болница интензивно се работи на проектот за целосна реконструкција на повеќе одделенија. Досега е завршена работата на нервното одделение и психијатрија, додека во завршна фаза е обновата на инфективното одделение. Во одделението за уво и грло, реконструкцијата ќе заврши за две недели.
"Во оваа одделение имавема само една операциона сала.Со преуредувањето се добиени две сали,со што ќе се подобри квалитетот на здравствена нега на пациентите"- вели Ариф Љатифи, директорот на болницата.
Со проектот за реконструкција започна и обновата на фасадата на административната зграда,a се реновира и кровот. Во сите одделенија се менува електричната и водоводната инсталација, санитарните јазли, кровната конструкција а се преуредуваат и собите. Според новите стандарди во нив ќе бидат сместени по еден до два пациенти.
"Освен овие одделенија,ќе започне и обновата на главната болничка зграда,каде се сместени одделнијата за хирургија,детското,интерното и одделението за гинекологија.Предвидено е обнова на фасада и внатрешнoста на објектот. За проектот се предвидени над еден милион евра што ги обезбеди Министерството за здравство "- вели Љатифи.
Во болницата се набавени нови апарати за кои исто така се одвоени милион евра,а се очекува да се подобри квалитетот на услугите кои ги нуди болницата кон пациентите. Со проектот се предвидува Општата болница Куманово да стане регионален центар кој ќе ја покрива територијата на североисточниот дел од државата со околу 200.000 пациенти. Реконструкцијата на болницата започна во август минатата година, а предвидено е да заврши до крајот на оваа година.