Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Членови на Сојузот на борци Куманово денеска положија цвеќе пред споменикот во некогашната бавча на Денко Цеков, таткото на Јордан Цеков Дане, од каде излегле партизани на 26 јуни 1943 година.
Партизаните потоа заминале во Јужноморавскиот одред за да се обучат, и да се вклучат во борбените дејствија, без да се повторат грешките од 1941 година. Од оваа бавча излегле 7, а од бавчата на Ангел Тодоровски, таткото на Христијан Тодоровски Карпош излегле 4 партизани, кои го сочинувале јадрото на кумановскиот партизански одред.
Тие имале обврска да се состанат во денешната населба Карпош, и оттука да отидат во Јужноморавскиот одред. Зошто е тоа така?Така е да не ја направат грешката што ја направија првите партизански одреди во октомври 1941 година, каде што на 12 октомври се излезени, а на 14 октомври е разбиен карадачкиот одред, а козјачкиот на 17 што е многу бргу. Одат за да се стекнат со воено искуство, партизански начин на војување и да се вооружат, бидејќи немало доволно оружје. Делуваа таму се до 2 август 1943 година, а потоа се формира кумановскиот одред кој брои 18 борци - вели Благе Јакимовски, секретар на Сојуз на борци Куманово.
Јакимовски вели дека овие борци, кон крајот на август 1943 година се активирале во Козјачие со борбени, политички дејствија и митинзи.
Пред присутните говореше и 94 годишниот Јордан Цеков Дане, еден од првите партизани кој објасни дека заедно со Панче Пешев, Живко Чало, Доне Божинов, Миле Кипра и други борци, влегле во составот на кумановскиот партизански одред.
Тука беше водачот Боро Стефановиќ, кој требаше да не одведе во Србија. Требаше да излеземе на 25, но излеговме на 26 јуни. На 25 јуни се разбудивме дома, во нашата куќа која сега е разрушена. Панче рече дека се е во ред, но да излезам во центарот на Куманово, да видам да не ни се заканува некоја опасност, да не нападне бугарска полиција. Тргнав накај седиште на сегашна општина Куманово и видов дека бугарски полк помина и се упати накај Средорек. Панче кажа дека бугарски полк практикува и ноќни вежби и може да ни направи заседа - раскажа борецот.
Тој на Благе Јакимновски му подари книга, во која пишува за своето партизанско искуство, а Јакимовски на младите им порача дека треба повеќе да го негуваат патриотското чувство и да ги почитуват делата на борците.
Пред споменикот цвеќе положија и членови на Здружението на армиски и полициски ветерани и децата од градинката “Ангел Шајче“.
Цвеќе борците денеска положија и во бавчата на Ангел Тодоровски, таткото на Христијан Тодоровски Карпош во населба Бедиње, од каде излегле партизани.