Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Министерот за внатрешни работи Митко Чавков, при денешната посета на месна заедница Тоде Мендол, истакна дека тероризмот е закана не само за Македонија и регионот, туку и на глобално ниво и затоа треба да се преземат мерки.
Чавков и директорот на Бирото за јавна безбедност, Горанчo Савовски се сретнаа со претставници на месната заедница Тоде Мендол, советници, ИВЗ, училишта, граѓани за да разговараат околу безбедноста, предизвиците кои не очекуваат и да ги слушнат мислењата на граѓаните.
Разговаравме и отворивме теми кои се од заеднички интерес, а тоа е безбедноста на заедницата од една страна и од друга страна почитувањето на фундаменталните права и слободи на граѓаните. Отворивме тема за она што е посуптилно, еве и на светско ниво за неконвенционалните форми на криминалитет. Зборувавме за многу форми на радикализација, насилство, тероризам, бидејќи ние како Република Македонија на локално и на национално ниво не сме имуни на овие состојби. Ги отворивме прашањата на случувањата во Куманово. И граѓаните и ние како полиција сме упатени едни на други за навремено откривање - изјави Чавков.
Претседателот на месната заедница Тоде Мендол, Шабан Демири кажа дека на 9 и 10 мај граѓаните го положија испитот и покажаа дека не потпаѓаат под влијанија.
Граѓаните на Куманово треба пак да живеат заедно, во соживот, добрососедски. Граѓаните на Куманово треба да се справуваат со такви настани и после тоа пак да продолжи со животот - вели Демири.
Началникот на СВР Куманово, Моме Јакимовски објасни дека довербата во полицијата се зголемува и работењето се подобрува што се гледа и со намалувањето на криминалот, тешките кражби и нарушувањето на јавниот ред и мир.
На Чавков ова му е втора посета на Куманово, откако стапи на функцијата министер за внатрешни работи.