Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Ќе се гради и реконструира канализациона мрежа во должина од 27 километри на 50 улици во Куманово.
Сретствата во висина од 5,5 милиони евра се обезбедени преку проект од европските ИПА фондови и мал дел од државниот буџет.Тендерот ќе биде распишан во јуни, а во декември ќе почнат работите на терен.
Проектот денеска го најавија градоначалникот на општина Куманово,Зоран Дамјановски и министерот за животна средина и просторно планирање,Нурхан Изаири.
“Тоа е еден голем проект. Се работи за четвртина од вкупната мрежа во градското подрачје. Ќе има реконструкција на сите дупки, места каде имале проблеми граѓаните, ќе биде заменета канализационата мрежа. Ќе биде направена и санација на улиците таму каде што ќе се интервенира. Ќе имаме голем бенефит од реконструкција и доизградба, односно поправување на сите оштетувања,“ - изјави градоначалникот Дамајновски.
Министерот Изаири вели дека овој проект има големо значење не само за Куманово, туку и за целата држава.
“Овој проект покажува колку ние се грижиме за заштита на водите, прочистување на отпадните води. Ќе даде придонес во нашата заложба за поздрава и почиста животна средина. Ние со овој проект кој 85 отсто е поддржан од ЕУ и 15 отсто од буџетот на државата, докажуваме дека сме многу заинтересирани за сите наши граѓани, за што почиста почва која влијае врз здравјето на луѓето“- рече Изаири.
Во просториите на општина Куманово денеска се одржа завршната работилница, по однос на завршниот извештај кој треба да биде доставен од консултантите до Министерството за животна средина и со кој ќе се аплицира во Брисел за проектот.