Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
ЈП „Водовод„, утре од советниците ќе побара согласност за зголемување на цената на водата. Со воведување на нова комунална услуга, пречистување на отпадни води, граѓаните ќе плаќаат уште 8,5 денари по м3 вода.
Тоа значи дека од сегашните 35,10 денари, цената на водата ќе се зголеми на 46,3 денари.
Претпријатието се определило за ваквата мерка бидејќи со години наназад трпи загуби од работата на Пречистителната станица за отпадни води во селото Доброшане.
Основните трошоци, кои обезбедуваат само проста репродукција за пречистување на отпадните води на годишно ниво достигнуваат износ од скоро 29,000,000.00 денари, што претставува зголемување на вкупните трошоци на ЈП „Водовод„ за околу 15%. Или поинаку кажано, доколку не се обезбеди соодветен извор на финансирање, се ризикува да се доведе во прашање функционирањето на јавното претпријатие и вршењето на неговата основна дејност, која е од витално значење за сите субјекти кои живеат и функционираат во Општината- се вели во образложението на ЈП „Водовод„ за одлуката за воведување на нова комунална услуга и определување на нејзината цена.
Одлуката дали кумановчени ќе плаќаат повиска цена на вода или не, е во рацета на советниците на утрешната седница на Совет.