×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Центарот за дневен престој на деца со попреченост не работи со години, планиранo e да профункционира од оваа учебна година

    24.08.2023 11:55 | Оливера Пешевска

    Родителите на децата со попреченост реагираат поради тоа што со години наназад не функционира Центарот за продолжен престој на ученици вклучени во специјални паралелки и инклузивно образование и за дневен престој на деца со попреченост вон образовниот процес, кој се наоѓа во објектот на ООУ „Браќа Миладиновци“ на ул. Тане Георгиевски во Куманово.  

    Центарот за дневен престој на деца со попреченост не работи со години, планиранo e да профункционира од оваа  учебна година

    Тие кажуваат дека повеќе од потребна им e оваа институција, која во голема мера ќе им го олесни секојдневниот живот и на семејствата и на самите деца.

    Упатените велат дека Министерството за труд и социјална политика го нуди објектот на  Општина Куманово, но локалната власт не сака да го превземе во нејзино владение.

    „Објектот е инклузивен, опремен со алатки за сензорна интеграција, монтесори педагогија/пристап, арт терапија, кревети и телевизор, само проблем е топлиот оброк кој би требало да биде обезбеден на децата-корисници на услугата. Но, и  тоа е лесно решливо, поради близина на еден од клоновите на градинката „Ангел Шајче“. Се што е потребно се 2 дефектолога,  кои би работеле во 2 смени-до 16 или 17 часот, 2 негувателки и една хигиеничарка, значи потребни се 3 вработувања за непречено функционирање“, изјави Марина Манојловска, една од иницијаторите за опремување на еден ваков центар, инаку поранешна директорка на училиштето „Браќа Миладиновци“.

    Манојловска за време на нејзиниот мандат реализирала  бројни проекти од домашни и меѓународни донатори за поодобрување на условите за работа на учениците и вработените. Еден од нејзините проекти за изградба, доградба, адаптација и опремување на објектот бил токму споменатиот центар, со што се прошириле капацитетите за обезбедување на услугите со средства од буџетот на Министерството за труд и социјална политика, а со свои донации помогнала и Холандската амбасада.

     „Замислата беше дека да се згрижуваат 10-15 деца дневно, деца со дијагностициран аутизам, Даунов синдром, церебрална парализа итн, со што би се ослободиле родителите во одреден временски период  за да можат да побараат работно ангажирање. Така семејството би било далеку постабилно и понезависно во своето опстојување. За жал,  од неколку центри во Македонија,единствено кумановскиот не функционира“, објаснува Манојловска.

    Од локалната самоуправа информираат дека во изминатиот период Центарот не бил ставен во употреба бидејќи во тек била постапката за легализација на просторот, неочекуваната пандемијата со ковид-19,  а воедно е донесен и новиот Закон за социјална заштита во кој се одредени начинот и условите за развој на социјалните услуги на локално ниво.

     Општина Куманово планира средените простории да ги отстапи на користење на ООУ „Браќа Миладиновци за потребите на нивниот „Центар за поддршка на учењето на учениците со попреченост“ за што се известени Министерството за труд и социјална политика,  како и Министерството за образование и наука. Локалните власти велат дека оттаму немале никаква забелешка на доставениот предлог.

    Со почетокот на новата учебна година работата ќе се интензивира, Центарот ќе проработи поради концептот на инклузивно образование кој учениците со попреченост и посебни потреби ги вклучува во редовниот воспитно-образовен процес, а посебните паралелки престануваат да постојат.. Дефектологот Оливера Митевска - Ѓорѓиевска ќе го преземе Центарот, со поддршка на целиот колектив.

    „За овие измени беше потребно да се смени Статутот, за што добивме согласност од Советот на Општина Куманово и Министерството за образование и наука. Центарот своите услуги ќе ги пружа на ученици со попреченост од 16 основни училишта кои се наоѓаат на територија на општина Куманово, но може да ги опфати и учениците од околните општини и пошироко“, истакна Јасмина Спасовска, директор на „Браќа Миладиновци“.

    Центарот ќе го задржи доседашниот воспоставениот метод на работа на стручните лица- 40-минутна индивидуална работа со секое дете поединечно. Тоа практично би значело дека на дневно ниво максимално може да се посвети внимание на 5 до 6 деца.

    Локалните власти сметаат дека спроведувањето на предвидените активности во Центарот се во согласност со претходната намена. Оние кои го организирале и опремиле просторот, пак,  тврдат дека целосно е нарушен првичниот концепт и иницијалната идеја за згрижување во дневен престој на децата со посебни потреби.