×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Чистењето ѓубре е борба со ветерници, но нема да се откажам, вели Јована Спасиќ, еко-активистка

    26.06.2020 21:16 | KumanovoNews

     Главен фактор за нехигиената во Куманово е некултурата на граѓаните, бидејќи сите локации кои индивидуално или колективнo биле чистени од страна на активисти, за една недела повторно се враќале во старата состојбата, вели оваа млада девојка која сонува еден ден и нејзиниот град да биде чист и зелен, по примерот на европските.

    Чистењето ѓубре е борба со ветерници, но нема да се откажам, вели Јована Спасиќ, еко-активистка

    Јована Спасиќ (21) е млада девојка од Куманово која е вистински Дон Кихот кога станува збор за чистење на ѓубре во градот. Луѓето кои ја познаваат велат дека таа е девојката со ракавици и кеси за смет, која чисти каде и да стигне, почнувајќи од нејзиниот дом и во соседството, па сѐ до депонии.

    Иако Јована, студира актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје, собирањето смет за неа не претставува игра, туку сериозна работа. Искрено се надева дека еден ден ќе се разбуди во почисто Куманово, опкружено со зеленило и чист воздух.

    Нејзиното чистење честопати граѓаните ги потсетува на донкихотовската борба со ветерници, но нејзината цел е преку истата упорност и истрајност, секој еден граѓанин кој не верува во оваа промена да го направи како ликот на Санчо Панса кој на почетокот не веруваше во сонот на Дон Кихот, но кој подоцна стана познат по изреката: „Со кого си-таков си".

    „Најчесто кога сум во можност собирам ѓубре. Секогаш со мене имам ракавици и кеса за смет, зашто насекаде околу мене има ѓубре- секогаш сум подготвена и добро ги искористувам. Јас не мислам дека ние како група или јас како индивидуа можеме да го исчистиме градот без помош на институциите, но знам дека сме добар пример за останатите и ќе продолжиме да го правиме тоа. Некои сметаат дека тоа е борба со ветерници (за што делумно и се во право), но не мислам дека поради тоа треба да се откажеме. Јас чистам и колективно со „Не биди ѓубре“, и со сигурност тврдам дека оној кој ќе дојде на барем една акција за чистење, ќе биде многу посвесен за ѓубрето околу, многу повеќе ќе го забележува и повеќе ќе му пречи", додава неуморната млада еко-активистка

    Откако станала дел од групата „Не биди ѓубре" за чистење на Скопје, како вистински кумановска, поттикнала иста таква акција и во својот град, со надеж дека Куманово ќе стане поубаво и почисто место за живеење.

    „Со акциите во Скопје почнав речиси од самиот почеток на формирањето на ,,Не биди ѓубре”. Околу една година подоцна свесна за нечистотијата на мојот роден град решив да почнам да правам акции и во Куманово. Имав желба оваа идеја да се прошири и тука затоа што навистина и имаше потреба од тоа. Воедно бев надежна дека и во мојот град ќе најдам луѓе со кои имаме иста цел- да живееме во убаво и чисто Куманово", додава Јована.

    Математичките формули не ѝ биле најсилна страна во училиштето, но младата активистка си има своја еко-формула, која вели дека секој човек може индивидуално да влијае врз чистотата на околината, а воедно преку социјалните мрежи да поттикне и други граѓани на акција. Ако сите ја научат оваа формула уште од мали нозе, Куманово би можел да стане град кој ќе биде пример за чистотата.

    „Една од добрите работи,за жал, ако сакаш да бидеш продуктивен во оваа област е тоа дека индивидуално можеш да чистиш секаде! Ѓубрето го има насекаде околу нас. Јас мислам дека сите сме многу свесни за тоа, но ретко кога се случува некој самоиницијативно да започне да чисти „туѓ” смет, зашто тоа не е наша работа, нели?. За жал толку сме навикнати на ѓубрето, па и не го ни забележуваме. Јас откако почнав да чистам, колку повеќе чистев толку повеќе го забележував ѓубрето. Но кога чистевме како група секогаш биравме место кое е погусто населено и ударно време, за да не видат други и да ни се придружат", вели девојката која во нејзината „женска чанта" наместо беспотребни дребулии, секогаш има опрема за чистење.

    Според неа главниот фактор за нехигиената во градот е некултурата на граѓаните. Сите локации кои индивидуално или колективнo биле чистени од страна на активистите, за една недела повторно се враќале во старата состојбата.

    „Има безброј работи кои влијаат на нехигиената во градот. Но, со сигурност тврдам дека некултурата на луѓето е најголемиот фактор. Често е проблем и недостатокот на корпи за отпадоци, но секако тоа може да послужи само како изговор за нехигиената. Сите локации кои досега сме ги чистеле по една недела повторно биле загадени. За тоа единствено се виновни несовесните граѓани. Градот ќе биде почист, единствено, доколку сите заедно го одржуваме чист. Комуналците немаат толкава моќ и сила да се справат со сите нас. Се работи за голема бројка на луѓе врз кои не можеш да имаш контрола, освен ако надлежните не преземат посериозни мерки- но ние сме далеку од тоа", додава таа.

    Свесна за невозжноста од брзо справување со „ветерниците“, но и неуморна во својата намера до создаде поубаво и почисто место за живеење, Јована не се откажува ниту од секојдневното ниту од организираното собирање на ѓубре

    „За жал бројката на загадувачи е многу поголема од онаа на чистачи и треба огромна борба за тоа да се смени. Сметам дека ние многу повеќе сакаме да критикуваме одошто да дејствуваме. Точно е и дека во голема мера и институциите се виновни за овие проблеми. Сепак виновни се и институциите и граѓаните. Исклучиво демотивирачки е кога ќе исчистам -исчистиме некоја локација и по одредено време повторно изгледа како никогаш да не било чистено. Постојат места, како по течението на реката Кумановка, за кои сите знаеме дека се крајно загадени, па дури и не се осмелуваме да чистиме. Потребен е огромен труд и долги години за работите да тргнат нанапред", завршуваа Јована.

    Таа останува на ставот дека за да се намали ѓубрето мора да се поработи на подигнување на свеста на жителите и дека првиот чекор би требало да биде нивното вклучување во акциите за чистење. „Не биди ѓубре“ во моментот не спроведува групни акции поради коронавирусот, но тоа за Јована не е причина да престане да собира ѓубре сама.

    (Фросина Марковска)