Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ од Куманово е на листата на должници на Управата за јавни приходи (УЈП) со неплатени побарувања од 102,840 милиони денари, или близу 1,7 милион евра.
Директорот Ненад Стојановски вели дека се работи за стар долг, кој е оптоварен со големи камати.
„УЈП треба да почне да ги применува законите, особено во делот на каматите кои не можат да изнесуваат повеќе од основниот долг. Основниот долг на претпријатието е 19 милиони денари, а останатите 101 милион се камати. Ова е стар, затечен долг “, истакна директорот Ненад Стојановски.
На листата се наоѓаат и повеќе од 20 приватни фирми од градот, како и физички лица.
УЈП ја објави листа на должници бр.7/2024 за долгови доспеани до 30 март и неплатени до 30 јуни по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.
Според анализите на листата се објавени 1870 должници – правни лица (помалку за 38 од претходната листа) и 3774 физички лица (повеќе за 28 од претходната листа).