Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Јавното претпријатије “Чистота и зеленило“ го завршува првиот квартал од 2015 година со добивка од 3.5 милиони денари.
На денешната триесет и деветта седница на Советот на општина Куманово, советниците го поздравија работењето со добивка, но имаа и поплаки за собирањето на смет. Велат дека во тесните улички големите возила не можат да влезат, и побараа објаснување зошто е тоа така.
“Во тесни улички се праќа камион кој едвај може да помине. Пример е улицата “Вера Которка“. Граѓаните се принудени 200-300 метри да одат пеш до првиот контејнер за да го фрлат сметот“ - кажа Драган Петковски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.
На ова директорот Сашо Петрушевски објасни дека дел од помалите возила за собирање на смет се во дефект, и апелираше до граѓаните во контејнерите да не фрлаат секаков отпад или истите да ги палат.
“Тоа е оперативно работење. Верувајте дека со застарени камиони од постар тип, доаѓаме во ситуација да имаме дефекти и тоа е нормално во вакви дејности. Се надевам дека по набавка на резервните делови се ќе се санира и ќе дојде во најдобар ред, бидејќи ние мора да одговориме на потребите на граѓаните. Затоа се собира смет и во ноќните часови и се надевам дека овој технички проблем ќе се надмине“- рече Петрушевски.
Тој објасни дека во наредниот период во соработка со Советот и општината, преку здруженијата каде членуваат, ќе аплицираат за набавка на нови возила.
Советниците на денешната седница го поддржаа извештајот за деловно финансиско работење за период јануари - март 2015 година.