Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Недолични пораки, вулгарности и чкртаници осамнуваат секојдневно на јавни и приватни објекти во Куманово. Ваквата појава особено зачести во летниот период, кога авторите на ваквите пораки не бираат каде ќе се „потпишат“, притоа уништувајќи и мурали кои беа изработени во изминатиот период.
На оваа појава укажуваат уметниците од Здружението „Форма“, кои бараат надлежните институции да го заштитат јавниот простор во градот и да ја санкционираат оваа појава.
„Искречивме ѕидови и подготивме подлога за изработка на мурал кој се наоѓа во годишната програма за култура на Општина Куманово. Договорена е темата, а муралот требаше да се работи утре, задутре. На белиот ѕид затекнавме пораки, пцости кои се непримерни на места каде има голем број на станари, деца кои се играат, и во близина на економското училиште“, објаснуваат од здружението „Форма“.
Тие велат дека на овој начин се урива и деградира се што во изминатите 8 години го работеле- цртањето на графити и мурали, манифестацијата „Графитифест“, учеството на гости од многу земји, и како најголем подвиг тоа што го сменија начинот на гледање и прифаќање на уличната уметност.
„Единствени сме во Македонија, доаѓаат луѓе од други градови да погледнат, да видат што сме направиле. И сега некои млади си зимаат за право да го уништат она што сме го вложиле и финансиски и креативно. Има доволно ѕидови во градот, има повеќе од потребно место и секоја конкуренција е добредојдена, но чкртање во глуво доба, кога градот спие не е начинот на кој треба да се работи“, објаснуваат од здружението.
Уметниците велат дека последниве месец два често затекнуваат размачкана и растечена боја, фрлени кантички во тревата или на асфалтот што го нагрдува целокупниот лик на просторот.
„Гаражи во приватна сопственост, објекти во државна сопственост, боја по асфалт, расфрлана по трева, се тоа исцртано и префарбано само не како што доликува на еден свет кој создава култура. Не навлегувам во тоа каква порака пренесуваат во позадина, само го гледам тоа што секој обичен минувач по улица ќе го погледне, ќе му внесе негативна енергија и ќе го стави во паралела со нас кои сакаме да создадеме нешто убаво, кое ќе создаде култура за општеството во кое живееме и припаѓаме“, е она што најмногу ги погодува уметниците.
Поради однесувањето на оваа група, во здружението добивале се повеќе повици од граѓани сопственици на објекти, кои барале решение за чкртаниците по ѕидовите со изработка на мурали или графити. Се поголем број кумановци, од сите возрасни групи ги поддржуваат и научија да го ценат нивниот уметнички израз. Доказ за тоа е што кон нивната идеја се приклучиле и локалната навивачка група, многу организации, локалната бизнис заедница.