Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Триесет члена делегација на Созујот на борци од Куманово, присуствуваше на одбележувањето на 80-годишнината на загинувањето на Панче Пешев во Радовиш.
Тие заедно со останатите присутни, положиле цвеќе пред спомен плочата во Подареш, а била одржана и пригодна програма во чест на македонскиот револуционер, композитор и диригент.
„Посетата во Подареш е дел од нашите редовни активности и со организиран превоз бевме да одадеме почит на нашиот сограѓанин. Иако е роден во Велес, од петгодишна возраст израснал, се образувал и дејствувал во Куманово, па чест и должност е да присуствуваме на овој настан“, истакна Цоки Ристовски, претседател на сојузот.
На положувањето на цвеќе присуствувале и членови на Здружение на броци од Радовиш, а програмата ја збогатиле ученици на локалното училиште „Кочо Рацин“. Истовремено претставници од здружението „Патриоти“ од Злеово го посетиле местото на загинување на Пешев во селото Кошкулија, на планината Готен.
За време на Мајската пролетна офанзива на 5 јуни 1944 година Панче Пешев загинал во судир со бугарската војска, кога 3 Македонска ударна бригада се враќала од Егејска Македонија.
Пешев е роден е на 5 јули 1915 година во Велес, се школувал во Куманово. Во 1931 година станува член на младинската организација СКОЈ, а во 1935 година станува член на Комунистичката партија на Југославија. Поради своето делување во два наврати е апсен во Кралството Југославија. Бил дел од редакцијата на весникот „Дедо Иван“. На 12 октомври 1941 година го постројува Козјачкиот партизански одред и ги соопштува имињата на борците кои се назначени за командант и политички комесар. По разбивањето на двата кумановски партизански одреди, преминува во илегала и се крие во Велес и Скопје.
Како член на Трета МУБ ја компонирал музиката за песната „Ко челик сме ние“, на текст на неговиот соборец Ацо Шопов.
Неговиот татко, Никола Пешев по ослободувањето на Македонија, станал градоначалник на Куманово.