Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Да одгледуваме производи од старите сорти и да ги вратиме вкусовите од детството, беше мото на првиот Саем на автохтони сорти - „Везенка”, кој денеска се одржа во кумановското село Пчиња.
Идејата беше пред земјоделците од регионот и пошироката јавност да се промовира вредноста на локалните сорти, коишто полека ја губат „битката“ под напливот на хибридните семиња.
Организатор на манифестацијата беше Здружението за екологија и заштита на животната средина „Еко Пчиња“ од селото Пчиња. Претседателот Стојан Стојковски, вели дека само со јакнењето на свеста за автохтоните сорти можеме да имаме квалитетни и конкурентни домашни производи, по рецептите на нашите предци.
„Вкусот на тоа што порано сме го јаделе и ова денеска со хибридните сорти е многу различен. Тоа ми беше мотив да го организирам овој саем, за да ги заштитиме старите сорти. Тоа ќе го постигнеме исклучиво со подигање на свеста кај производителите, да почнат да ги одгледуваат старите сорти. Нивната предност е во тоа што може да се насади семка и да изникне растение кое ќе дава плодови. Хибридните сорти тоа не го можат. Свеста за автохтоните сорти ќе се разбуди и со зголемување на пласманот. Потрошувачите во градовите треба да даваат предност на тие производи и вкусови, тогаш луѓето во селата ќе бидат принудени да ги садат и да ја чуваат традицијата“, вели Стојковски, кој додава дека го радува фактот што младите кои купуваат викенд куќи во нивното село, бараат во своите бавчи да садат стари сорти.
На манифестацијата имаше базар на домашни производи од малите локални производители, свежо овошје и зеленчук, домашен ајвар, слатко, сокови, мед, месни преработки, вино ракија...
Влатко Ристовски од Македонска Каменица и Лемпи од Финска, кои дошле да ја посетат Билсимската клисура, отпеаја повеќе македонски народни песни, и ги собраа симпатиите на посетителите. Тие се познати по тоа што настапуваат по зелените пазари во земјата, а денеска се вклучија и дадоа придонес во хуманираната акција на здружението „Да шириме љубов“.
Организаторите најавуваат догодина побогата понуда и вклученост на локалните прозводители од регионот. Проектот е поддржан од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Жителите на Пчиња се надалеку познати по квалитетни раноградинарски производи, а бидејќи селото е во непосредна близина на Бислимка клисура на реката Пчиња, има голем потенцијал за развој на туризам. Шансата ја гледаат во спојување на овие два гранки, и изградба на сместувачки капацитети со понуда за рурален туризам.
(аудио ВИ)