×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Да се намали бројот на ученици во паралелките, бараат средните училишта во Куманово

    26.09.2024 12:02 | Оливера Пешевска

    Средните општински училишта од Куманово бараат согласност за запишување на помал број на ученици од предвиденото, а одлуката треба да ја донесе Советот на наредната седница.

    Да се намали бројот на ученици во паралелките, бараат средните училишта во Куманово

    Се работи за административна процедура, за усогласување со законските прописи кои предвидуваат паралелките да не бидат со помал број на запишани ученици од 25.

    Главно се однесува на класови од стручните насоки, за кои има се помал интерес меѓу средношколците.

    „Законот предвидува паралелките да се формираат со најмалку 25 ученика, а максимално дозволениот број е 35 во еден клас. Во паралелките од некои стручни профили, и за оние од 3-ти и за 4-ти степен на образование од година во година има се помал интерес и се помалку деца. Затоа и побаравме да се дозволи запишување на помал број на ученици од предвидената квота“, објаснува Александар Јовановиќ, раководител на Сектор образование.

    Процедурата предвидува прво да се побара согласност од Министерството за образование и наука (МОН), а по добивање на согласноста за тоа одлучува советот на Општина Куманово.

    Помалкубројните паралелки се веќе формирани и редовно си тече образовниот процес речиси месец дена. Административната постапка годинава доцни поради согласноста која се чекала да ја достави МОН.

    Во Куманово во учебната 2014/2015 година во сите средни училишта биле запишани 1.371 средношколци во прва година. За тековната 2024/2025 запишани се 972 ученици- калкулаторот покажува 399 ученици помалку. Според истражувањата на Центарот за граѓански комуникации намалувањето на бројот на ученици во Куманово во последните 10 години е 1452, пред нас помал број на ученици во средните училишта имаат Тетово, Бутел и Гостивар.

    Бројот на новозапишани ученици во 2024/2025 е фактички поголем за 210 ученици во прва година на „Киро Бурназ“  од Куманово, кој е регионален центар, а со тоа под надлежност на МОН.

    По завршување на роковите за запишување во прва година некои насоки се покажаа како далеку поатрактивни и се бараше место повеќе. Зачудува податокот дека ниту на атрактивните медицински смерови нема запишано максимален број на ученици- според Јовановиќ тоа се должи на критериумите за запишување, односно покажаниот успех во текот на деветолетката. Традиционално најголем интерес и место повеќе се бара за насоките од информатичката технологија и комјутерскиот инженеринг, и на уметничкиот смер за графички дизајн.