Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Жителите на Романовце побараа од раководството на ЈП „Железници инфраструктура“ да постават рампи на железничките премини во селото со цел да се зголеми безбедноста на сообраќајот, по последната несреќа во која две лица беа тешко повредени, откако воз удри во автомобил кој ја поминувал железничката пруга на премин со звучна сигнализација.
Состанокот на жителите од Романовце и претставниците на Македонски железници се одржал вчера во Општина Куманово, на кој присуствувале претставници Општината и на политичките партии во Советот.
„Надлежните од јавното претпријатие преземаа обврска да инвестираат во постоечката сообраќајна мрежа, заради подигање на безбедноста. Првично ќе биде направен целосен увид на состојбата на сите три премини, кои гравитираат во реонот на ова село. Ќе ги заменат постоечките оштетени сообраќајни сигнализации и знаци. За поставувањето на рампата укажаа дека прво треба да се провери дали има постоечка инфраструктура за да може истото да се изврши. Ќе биде поставена една рампа на главниот премин, а на вториот премин ќе биде поставена дополнителна гумена подлога за поминување. Согласно инвестициските планови на ова претпријтие се очекува изградба на модерни и современи премини со дополнително обезбедување на пругата“, изјави градоначалникот Димитриевски.
Директорот Хари Локвенец потсетил дека наведените железнички премини се соодветно обележани, но не се почитува сообраќајната сигнализација.
Надлежните апелираат до граѓаните за подигање на свеста и грижата за сопствената безбедност, особено кога ги поминуваат железничките пруги.
За најавите за блокади, на жителите им било укажано дека се работи за меѓународна пруга, која е регулирана со меѓународни договори на државата и не е дозволено да се блокира сообраќајот на меѓународните коридори.