Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Советниците “ За Наше Куманово“ вчера направија невиден преседан кога ја бојкотираа седницата со цел да не се продолжи со работа, откако беше јасно дека Предлог одлуката за изменување и дополнување на површини за градење со намена А2 на парцели лоцирани вон централното градско подрачје нема да биде ставена како дополнителна точка на Дневниот ред, велат од СДСМ.
Предлогот беше даден од раководителката на Секторот за урбанизам, Емилија Сларидис Јаневска, но мнозинството одлучи да не се расправа по оваа точка, по што беше дадена пауза, но во салата се вратија само 16 советници и немаше кворум да се продолжи со работа. Продолжението на седницата е презакажано за утре, 8 јули.
„Денеска го видовме вистинското лице на локалната власт предводена од Максим Димитриевски и неговото неграѓанско движење “За Наше Куманово“. Најпрвин, градоначалникот ја злоупотреби говорницата при повлекување на една од точките на Дневен ред и со низа невистини и лаги се обиде да ја изманипулира јавноста за евтини политички поени. Потоа, уште пред да се усвои дневниот ред, една од предвидените точки не наиде на прифаќање од страна на мнозинство советници. Јавно прашуваме: Дали суетата на Димитриевски е поголема и поважна од волјата на граѓаните? Дали претседателката на Советот ја злоупотреби својата позиција откако беше побарана пауза од 5 минути која траеше еден час? Дали оваа пауза беше искористена за вршење притисок врз советниците кои не дадоа поддршка на таа точка и да гласаат за? Дали ова е демократијата на Димитриевски ?“, праша советникот Александар Јовановски од СДСМ.
Тие сметаат дека предлог одлука за изменување и дополнување на површини за градење со намена А2 на парцели лоцирани вон централното градско подрачје е незаконска и е со намера да се злоупотреби Советот и тој да стане негов параван за нечесни игри.
„Градоначалникот повикувајќи се на оваа предлог одлука се обиде да го злоупотреби органот Совет на Општина Куманово како алиби за незаконско ограничување на површините за градење. Ние како советници сме свесни дека немаме право да одземаме права на граѓаните кои се уставно загарантирани. Дали градоначалникот и неговите “експерти“ мислат дека имаат право да одземаат и ограничуваат веќе стекнати права? До кога ќе трае самоволието на Димитриевски, претседателката на Советот и советниците од Наше Куманово, кои со грубо кршење на владеењето на правото и наметнувајќи ретроактивно делување, кое освен на инвеститорите ќе нанесе огромна штета и на граѓаните и директно ќе се коси со законските одредби од законот за урбанистичко планирање?“, истакна Јовановски на прес конференцијата.