Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски, во својство на шеф на Регионалниот штаб на Социјалдемократскиот сојуз на Втората изборна единица лоциран во Куманово, денеска одржа прес конференција во штабот и накратко се осврна на исходот од штотуку одржаните вонредни парламентарни избори.
„Дозволете ми во имате на Општинската организација и на сите директни актери од Втората изборна единица во трката за пратенички места во Парламентот, искрено да им се заблагодарам и да им честитам на граѓаните за мирните, чесни и фер демогратки избори, а посебна благодарност заслужуваат сите граѓани кои на овие избори го дадоа својот глас за кандидатите на Социјалдемократскиот сојуз и коалицијата. Во целина, не ги добивме изборите, но победивме во Куманово, град кој уште еднаш потврди дека е вистински бастион на СДСМ. И овојпат во Куманово остваривме завидна разлика во бројот на гласови спрема главниот политички противник ВМРО-ДПМНЕ. Освоивме 19.700 гласови, односно нешто над 3.500 гласови повеќе од нашиот главен политички противник‘‘ - изјави градоначалникот Дамјановски.
Тој во разговорот по завршувањето на прес-конференцијата се согласи дека Куманово заслужува многу поповолна кадровска застапеност во парламентот со оглед дека сите изминати 20 години се има докажано како главна тврдина на Социјалдемократскиот сојуз. За потсетување, во идниот состав на Парламентот од СДСМ во Куманово ќе се најде само еден пратеник - Оливер Спасовски и тоа благодарение на фактот што беше втор на кандидатската листа во ,,двојката‘‘.
Според големината и квалитетот на кумановската партиска организација на СДСМ на изборната листа од 1 до 10 требаше да се најдат барем петмина кандидати -се согласуваат во општинското партиско раководство на СДСМ.
Инаку, преку денешната прес-конференција до граѓаните и до симпатизерите на СДСМ се обрати и се заблагодари за подршката старо-новиот пратеник Спасовски.