Дамјановски реизбран за претседател на Советот на североисточен регион
Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски денеска по четврти пат е избран за претседател на Советот за развој на североисточниот плански регион.

На денешната седница градоначалниците на општините Крива Паланка, Кратово, Ранковце, Старо Нагоричане и Липково едногласно му ја дадоа поддршката за новиот мандат. Дамјановски вели дека е реизбран на оваа функција од причина што Куманово е најголема општина во североисточниот регион и како таква важи за центар. Тој се залага за рамномерен регионален развој и вели дека од државата треба да добиваат повеќе средства, за да функционираат нормално и реализираат што повеќе проекти.
“Советот за развој на североисточниот плански регион е добро замислена работа, која требаше да исправи една историска неправда на нерамномерно инвестирање. Законот за рамномерен регионален развој е донесен и е на сила од 2009 година, меѓутоа не ги оправда заложбите и очекувањата. Се надевам дека во овој мандат уште посилно ќе се борам за имплементација на овој закон“ - рече Дамјановски.
Тој објаснува дека поради малата финансиска поддршка од државата, многу проекти се изготвени, но останале само на проектна документација.
“Ние сме шест градоначалници од пет политички партии, и сите одлуки сме ги донеле едногласно и можам да кажам дека имаме добра соработка. Имаме критички разидувања, меѓутоа кога се работи за граѓаните, за регионот, имаме добра соработка“ - вели Арсенчо Алексовски, градоначалник на општина Крива Паланка.
Во Советот за развој на североисточниот плански регион одлуките заеднички ги носат шесте градоначалници.