Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Штитениците на дневниот центар „Порака наша“ денеска добија пакетчиња од Општина Куманово и приватни фирми, кои традиционално ги посетуваат по повод новогодишните и божиќните празници.
„Денеска добиваат подароци од градоначалникот и Советот на Општина Куманово, но освен нив пакетчиња добиваме и од бизнис секторот кои се наши редовни донатори, некои од нив и на месечно ниво. Имаме и граѓани кои самоиницијативно сакаат да донираат и да им ги разубават деновите на нашите штитеници“, изјави Мартина Костовска, лиценциран психолог вработен во центарот.
Дневниот центар згрижува 21 лице со умерена или тешка интелектуална попреченост, а постои веќе 16 години.
„Тие се приоритет во оваа општество и гледаме следната година да направиме нешто повеќе за нив. Ова е стандардна програма што континуирано секоја година ја спроведуваме. Се обидуваме да ги инклудираме штитениците со ликовни колонии, музички програми со кои би настапувале или други активности“, изјави Александар Крстевски, раководител на Сектор за култура, спорт, социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита на Општина Куманово.
Од Општина Куманово денеска ќе поделат пакетчиња и во Дневниот центар за лица со попреченост и во Здружението на глуви и наглуви.