Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кумановка се здобила со сериозни повреди на главата кога врз неа паднал дел од фасада на зграда во центарот на Куманово.
Несреќата се случила вчера во 13.30 часот, додека Селвије Ј.(33) и нејзиното десетгодишно дете оделe по тротоар, кога врз нив се урнало поголемо парче од фасадата. Бетонската плоча директно паднала на главата на жената, а детето поминало без повреди.
Тие беа кај мене на работа и само што тргнаа дома, кога дотрча соседот од слаткарницата и ми кажа дека жена ми е повредена од фасадата. Плочата беше голема околу еден метар и на сите страни леташе малтер. Бетонот ја удрил по главата, градите и грбот. Има потрес на мозок, силни болки во главата, постојано повраќа и воопшто не може да стане од кревет. Се плашам дека ќе има трајни последици по здравјето. Детето исто така е во голем шок, како и цело семејство од помислата каква трагедија можеше да не снајде. - вели сопругот на Селвије, Џеват Јусуфи, сопственик на семкарницата Попова Шапка, која се наоѓа на десетина метри од несреќата.
Тој вели дека не е првпат да паѓаат делови од фасадата на истата зграда. Пред неколку месеци се откорнало помало парче додека тој поминувал по тротоарот. Затоа апелира до надлежните институции да ја урнат или да ја довршат започната доградба на кровот која стои со години наназад, додека не убила некого. Семејството Јусуфи најавува тужба до општината и инвеститорите на зградата.
Улицата „Илинденска„, каде што се наоѓа оштетената фасада и растурениот кровот на зградата е едно од најфреквентните места во градот и претставува голема опасност за граѓаните што поминуваат тука .