Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Само дел од вработените во јавниот сектор во Куманово го подржаа штрајкот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), со кој се бара линеарно покачување на платите за по 2.806 денари и утврдување на регрес од 30 до 100 проценти од просечната плата.
Претседателот на Регионалниот синдикат Миле Спасовски, вели дека се штрајкува во јавните претпријатија „Чистота и Зеленило“, „Пазаришта“, во Општата болница, додека вработените во Општината и во Катастарот не штрајкуваат.
„Штрајкот во Куманово се спроведува делумно. Од мојата посета на јавните претпријатија имаше дел каде што штрајкуваа, а дел каде вработените си ги извршуваа своите работни задачи. Од локалните, ЈП „Чистота и зеленило“ успеа со работодавачот да се договори и да потпише спогодба за зголемување на платите за 2806 денари. Тие нема да штрајкуваат затоа што им се исполнети условите од Колективниот договор“, изјави Спасовски.
Во „Чистота и Зеленило“ работат 274 вработени, од кои 70 отсто се општи работници кои веќе имаат зголемување на минимална плата. Покачувањето од 2806 денари се однесува за останатите 30 отсто вработени во администрацијата. Одлуката на управниот одбор мора да помине на Советот на Општината.
Штрајкот во јавниот сектор официјално започна вчера со неизвршување на работните задачи на работните места од страна на вработените, а според најавите, додека трае штрајкот предвидено е само десет отсто од нив да работат онаму каде што е потребно.