Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Петок 13 многу луѓе го сметаат за баксузен ден.
Тогаш суеверните луѓе одбегнуваат да патуваат, не излегуваат од дома и живеат во страв дека ќе им се случи нешто лошо. Кумановци по природа се храбри луѓе, но сепак ги прашавме дали петок 13 - ти го сметаат за малер или за среќен ден?
Ивана Јордановска, член на ЏЕФ Македонија
На петок 13-ти го разбивам суеверието со појако кафе од вообичаеното и малку повеќе слатки работи од вообичаено. А, кога ќе ми помине црна мачка обично се обидувам да ја погалам. Со други зборови, сметам дека суеверието е бесмислено и не гледам никаква поента во дејствување без логика.
Стефан Петровски, велосипедист
Ми се случи еднаш додека тргнував за на трка црна мачка ни го пресече патот. Тој ден освоив прво место. Не сум суеверен кога е во прашање петок 13 - ти. Сметам дека ако човек е суеверен само ќе си создаде негативни емоции и нервоза.
Риана Рамиз, професор по виолина во “Панче Пешев“
Ден пред петок 13 - ти обично гласно коментирам за петокот кој следи, со мала доза на страв од митовите за петок 13 - ти или попознат како црн петок. Денешниот датум содржи две траинаесетки (13. 12. 13). Не сакам да размислувам и да верувам во тие митови затоа што се радувам петочки за викендот кој следи. Денешниот црн петок ми започнува со мал концерт на нашите ученици во две градинки во Куманово и се надевам ќе се заврши со позитивна енергија и заокружување на последниот петок 13 - ти за оваа 2013 година.
Трајче Ристовски, вработен во РЦУК
Не сум забележал досега да ми се случи нешто лошо на петок 13 - ти. Кој како ќе си ја нареди работата така ќе му се одвива денот. Ако ми се случи нешто лошо јас тој датум го паметам и следната година. Како деца верувавме дека ако црна мачка ни го помине патот на училиште ќе не испрашаат, ќе добиеме единица. Но и тоа се покажа како неточно.
Драгиша Цветковиќ, директор на ОУ“Кочо Рацин“
Јас бројката 13 и денот петок ги поврзувам со среќа и тоа е за мене ден како и секој друг. Не сум суеверен воопшто и не верувам дека петок 13 - ти е баксузен ден. Немам лоши мисли за петок 13 - ти. Исто и за црна мачка ако ми помине пат не сметам дека е тоа некој лош знак.
Денот петок тринаесетти, кој исто така се нарекува и „црн петок“, многу време кај народот предизвикува несфатливо чувство на страв. Некои се откажуваат од патување со авион, а други воопшто не патуваат. Било пресметено дека на овој датум во САД бизнисмените губат помеѓу 800 и 900 милиони долари, бидејќи многумина не ни помислуваат за своите работни места. Доналд Доси, основач на Центарот за управување на стресот и Институтот по фобии во Ашвил, Северна Каролина, споменува дека стравот од петок 13 - ти измачува помеѓу 17 и 21 милиони Американци. Симптомите варирале од умерената тревога до тоталната паника. Психолозите докажале дека луѓето кои се сметаат самите себе си за несреќници, за малери, е многу поверојатно да веруваат во овие суеверија.